Општо е познато дека скандинавскиот образовен систем е најдобар во светот, па затоа се издвојуваат принципите врз кои се темели образованието во Данска, Норвешка и Шведска.
Шведска
Задолжителното основно образование во Шведска се базира на 16 предмети: шведски јазик, математика, физичко образование, англиски јазик, ракотворби, музика, визуелни уметности, технологија, физика, хемија, биологија, историја, општествени науки, религија, географија и домашна економија. Сите предмети се изучуваат од прво одделение. Сепак, тие добиваат оценки само од 6. одделение, додека пред тоа наставниот кадар изготвува индивидуален план за развој за секое дете. Во овој период многу внимание се посветува на самокорекцијата, а децата преземаат дел од одговорноста за она што треба да го научат.
Училиштата во Шведска немаат ѕвончиња, но асистентите ги информираат децата дека паузата е завршена и дека е време тивко и брзо да се вратат во училниците. Целата потребна опрема, од моливи до „ајпади“, ја обезбедуваат училиштата, па ранците се оставаат пред училницата. Секое утро наставниците го разгледуваат дневниот визуелен план за лекција со учениците, за да го поттикнат нивното чувство за време. На секоја маса има две картички, зелени што ги превртуваат ако можат да работат самостојно, и црвени кога им е потребна помош. На овој начин, шведскиот образовен систем сака да го охрабри секое дете да развие одговорност кон своето образование. Излегувањето надвор во текот на денот е задолжително дури и на студено време, па учениците имаат соодветна облека за секое годишно време. Во повеќето училишта учениците ги оставаат чевлите пред вратата и остануваат внатре само во чорапи.
Норвешка
Во првата година од основното училиште учениците го поминуваат поголемиот дел од времето играјќи едукативни игри и учејќи социјални структури, азбуката, основно собирање и одземање и основни вештини за англиски јазик. Нема оценки во текот на првите седум одделенија, меѓутоа, наставниот кадар често пишува коментари, анализи, а понекогаш и неофицијална оценка на тестовите. Тестовите мора да се носат дома и да им се покажат на родителите. Исто така, постои воведен тест што му кажува на наставникот дали ученикот е над просекот или му е потребна поголема помош.

Училиштата во Норвешка обрнуваат внимание на исхраната на децата, а грицките и колачите се забранети, освен ако не се направени на час по готвење. Децата носат ручек во кутии, а тој оброк обично се состои од сендвич, овошје и шише вода. Часовите започнуваат помеѓу 8 и 9 часот наутро и траат помеѓу 25 и 30 минути. За разлика од Шведска, каде што сè е бесплатно, норвешките училишта им обезбедуваат на своите ученици книги, додека самите ја носат целата друга опрема.
Данска
Училиштата во Данска бараат задолжителното школување да започне на 6-годишна возраст. Образовниот пристап во оваа земја избегнува рангирање на класи и формални тестови. Наместо тоа, децата работат во групи и се охрабруваат да работат креативно. Акцентот е на решавање проблеми, а не на меморирање информации.
Наместо „учителке“ или „учителу“, на наставниот персонал му се обраќаат со нивното име. Од прво одделение децата учат англиски, дански, музика, визуелни уметности, физичко образование, математика, природа и технологија. Сите деца треба да вежбаат во просек 45 минути дневно во текот на училишниот ден. Движењето може да се изведува на часови по спорт и како дел од придружните часови. Учениците во прво одделение поминуваат околу 5 часа дневно во училиште, што вклучува три часа вежбање дневно, исто толку излети надвор, како и физичка активност и пауза за ручек.
Почетокот на образованието треба да развие ентузијазам кај децата, да им помогне на учениците да ја реализираат својата имагинација и да стекнат самодоверба во сопствените способности.