Прочитајте ги советите за социјалната мрежа „Инстаграм“ што ќе им помогнат на вашите деца да направат подобар избор
Во 2016 година Редклиф Рој тргнал на патување низ шумата во Вирџинија за да ги следи чекорите на лидерот на бунтот на робови од 19 век, Нет Тарнер. Рој бил на задача, додека неговите деца биле во Бруклин, Њујорк – но неговиот паметен телефон ги поврзувал преку социјалните медиуми.
Работата на Рој како фотограф на „Нешнл џиографик“ честопати го носела на најоддалечените делови од светот. Но преку „Инстаграм“ тој може да се поврзе со своите синови. На неодамнешниот панел за безбедност на „Инстаграм“, Рој изјави дека неговите синови редовно ги следат неговите инстаграм-приказни и го прашуваат за патувањата.
„Нашата врска се заснова на моето патување и нивното следење на моите чекори“, изјави тој.
Да се знае со кого се комуницира
Но, како и повеќето родители, Рој рече дека тој и неговите синови, на возраст од 13 и 9 години, се во постојани преговори за поставување граници во однос на тоа што е соодветно за нивно објавување и кога треба да имаат сопствен телефон. Неговиот 9-годишен син нема паметен телефон, па честопати гледа во телефонот на својот постар брат за да ги види фотографиите од татко си.
„Сметам дека е партнерство. Мојот постар син го смета телефонот за клуч за да се поврзе со своите врсници“.
За време на дискусијата тој раскажуваше за другите начини на кои „Инстаграм“ е предност за него и за неговото семејство. Тој рече дека транспарентната природа на платформата им помогнала на неговите деца да бидат изложени на сите видови релевантни проблеми, што им овозможува да имаат поотворен дијалог во нивниот дом.
„Не разговараме за насилството во училиштата бидејќи преку културата тоа е веќе тема на разговор. Тој е веќе подготвен за следното ниво“, вели Рој.
Децата што се справуваат со насилството може да ја искористат функцијата на приватниот профил на „Инстаграм“.
„Кога имате приватен профил, можете да им одобрите на вашите следбеници и на секој што ќе ви испрати директна порака. Со директните пораки имаме дојдовно сандаче, така што ниту една порака не може да стигне директно до вас доколку не го одобрите испраќачот на пораката“, вели Карина Њутн, менаџер на политики на „Инстаграм“.
Филтри за коментари
Исто така, таа сугерира родителите да користат филтри за коментари на профилите на нивните деца за какви било зборови што би можеле да ги сметаат за навредливи.
Родителите треба да им помагаат на своите деца да научат како да бидат внимателни за работите што ги објавуваат и да се запрашаат себеси: „Зошто го споделувам ова со светот?“
Совети за безбеден „Инстаграм“
– Бидете активен учесник. Имајте отворен дијалог со вашите деца за тоа како ги користат социјалните мрежи и не плашете се и вие да се вклучите во нив.
– Советувајте ги вашите деца да бидат свесни за тоа кого следат. Поттикнете ги да ги следат профилите или хаштаговите за да ги негуваат нивните цели.
– Не плашете се да кажете не. Ако ви е непријатно нешто што тие го постираат онлајн, запомнете дека вие сте родителот и имате право да го одобрите или да го забраните тоа.
– Овозможете ги безбедносните функции на „Инстаграм“, кои вклучуваат филтри за коментари и правото да пријавите или да блокирате некој што го малтретира или го вознемирува вашето дете.