Многу е важно да се поттикне детето самостојно да научи да црта наједноставни цртежи во неговата боенка или сликовница

Како и на која возраст децата ќе научат да пишуваат е многу важно прашање што ги мачи младите мајки со оглед на тоа што пишувањето претставува основа за добар успех и висока мотивација во училиште.

– Кога е во прашање пишувањето, од големо значење е графомоториката кај децата. Тоа е термин со кој се означува способност на детето да држи молив в рака. За да може детето успешно да ги развие графомоторичките вештини, потребно е добро да ја развие моториката на раката. Дете на шестгодишна возраст веќе би требало да знае правилно да го држи моливот– вели Лидија Василевска, дефектолог, која веќе десет години работи со деца во училиште во Струмица.

Успешно да го помине комплетниот моторички развој.

Василевска објаснува што сѐ треба да знае детето пред да научи да пишува букви.

Пред да почне детето да пишува, потребно е да го помине комплетниот моторички развој, како што се седење, трчање, ползење, пешачење, качување, играње со топка, редење сложувалки.

Да ја совлада вештината на цртање.

Со текот на времето активностите што детето ги извршувало до четвртата година веќе нема да му бидат интересни и забавни. Ќе ја достигне фазата во која моливот ќе успее да го држи без проблем, односно неговиот стисок на моливот веќе ќе биде под контрола. Тогаш детето ќе биде подготвено да користи боенки, сликовници, книги. Многу е важно да се поттикне детето самостојно да научи да црта наједноставни цртежи во неговата боенка или сликовница.

Да се научи да црта внатре во дадената рамка и да ги прецртува формите на круг, триаголник, квадрат.

Важно е родителите да му обрнат внимание на детето и да го научат како правилно да црта и да го коригираат доколку погрешило.

Ако детето не сака да црта и да бои, не присилувајте го на тоа.

Некои деца многу рано почнуваат да цртаат и да бојат, додека други воопшто не покажуваат интерес за држење молив в рака. Ако детето не сака да црта и да бои, не присилувајте го на тоа. Секако, не треба да престанете да го охрабрувате да ги извршува овие активности, но тоа треба да биде постепено и умерено.

Оставете го детето само да одлучи со која рака ќе го држи моливот.

Обично детето до петгодишна возраст веќе покажува склоност кон користење една рака при играње или извршување разни активности. Оставете го детето само да одлучи со која рака ќе го држи моливот. Доколку покажува склоност кон пишување со лева рака, не форсирајте го да пишува со десна.

– Компјутерите и таблетите денеска се дел од секојдневието на сите деца, а тоа претставува проблем бидејќи преку нив се занемарува потребата за цртање и пишување. На овој начин децата не можат да го развијат целосниот потенцијал на рацете и прстите, односно моториката на раката. Родителите треба да им го ограничат времето на користење на таблети и компјутери и да им понудат дополнителни активности – додава Василевска.



912

X