Бајките презентираат „розови“ верзии на тоа што претставува љубовта, па затоа е потребно родителите да ги научат децата за реалната страна на љубовта. Децата треба да знаат дека љубовта не секогаш вклучува витези и среќен крај. Слично на ова, на децата не треба да им се каже дека грубите и нељубезни луѓе имаат симпатии кон нив. Ова се неколку пораки за љубовта што родителите треба да им ги пренесат на децата.
1. Злоупотребата не е љубов
Кога вашите деца ќе дојдат дома плачејќи бидејќи биле задевани од други деца, не велете им дека оние деца што се безобразни имаат некои симпатии кон нив. Ако дозволите така да размислуваат, тоа ќе ги научи дека злоупотребата е знак за љубов, а тоа не е здраво. Лесно е да бидете наклонети кон вашите деца и да им дозволите да ја примат целата вашата љубов и внимание. Но, тие исто така треба да знаат дека не можат секогаш да бидат тие што примаат љубов. Како што заслужуваат љубов од другите, така треба да се научат и на компромиси и самите да возвраќаат со љубов.
2. Сакањето на другите не значи дека треба помалку да се сакаат себеси
Децата треба да знаат дека кога сакаат некого, тоа не значи дека треба да се жртвуваат себеси постојано за своите сакани. Се разбира, компромисот е важен во секоја врска, но не треба да се сакаат себеси помалку за да сакаат некоја друга личност. Децата ова најмногу го учат кога ја гледаат врската помеѓу родителите.
3. Почитта е клучна за љубовта
Децата треба да знаат дека почитта и љубовта одат рака под рака. Треба да заслужат почит од другите и да укажат почит кон другите. Исто така, треба да научат дека заслужуваат почит исто колку и другите. Љубовта без почит може да биде токсична.
4. Да се сакаме себеси е најважниот вид љубов
Децата треба да ја знаат разликата помеѓу тоа да се биде себичен и да се сакаш себеси. Треба да се научат да не газат преку другите за свои цели и корист, но исто така и да се прифаќаат себеси такви какви што се. Не треба да се менуваат само за да се вклопат и да бидат сакани од некого.
5. Понекогаш љубовта не трае засекогаш
Романтичните комедии можат да ги натераат децата да веруваат дека љубовта трае засекогаш. Но, вистината е дека љубовта е минлива и понекогаш е подобро да се заврши некоја врска и да се продолжи понатаму. Децата мора да сфатат дека сите моменти што ги поминале во љубов не се потрошени залудно. Тие биле лекции за подобри искуства во иднина.
6. Долготрајните врски бараат труд
Децата треба да научат дека за да трае нешто што е толку кршливо како љубовта, треба да вложат многу напор и труд. Ако тој што го сакаат е вреден за тоа, тогаш долготрајните врски не се невозможни.
7. Понекогаш тој/таа што го/ја сакате нема да ви возврати
Како родители, се разбира дека секогаш се обидувате да им дадете на децата сè што сакаат и сè што им треба. Но, понекогаш работите се надвор од нечија контрола, а вашите деца треба да сфатат дека нема секогаш да го добијат тоа што го сакаат. Невозвратената љубов може да предизвика голема болка, но треба да научат да продолжат понатаму. Искуството ќе биде помалку тешко ако веќе знаат што да очекуваат и ако знаат дека вие како родители ќе бидете тука да ги поддржите.
8. Љубовта треба да ве направи подобра личност
Постојат многу видови љубов и вашите деца треба да разберат дека ја заслужуваат онаа што ги прави подобри личности. Нека знаат дека љубовта треба да ги охрабри да имаат посветла иднина и да бидат добри луѓе.
9. Љубовта не е секогаш составена од виножита и пеперутки
Спротивно од она што го презентираат бајките, љубовта не е секогаш составена од убави работи. Децата мора да бидат подготвени и за помалку убавите делови од љубовта, на пример, да очекуваат дека нивната доверба може да биде ставена на тест. Повеќето љубовни врски, во реалниот живот, воопшто не личат на оние од бајките.