Ники Јуркуц, болничарка и мајка на три деца, на нејзиниот официјален профил на „Инстаграм“ – „Tiny Hearts Education“ редовно објавува совети за родителите, но и предупредувања, а многу од нив се однесуваат на безбедноста на децата.
Таа неодамна објавила видео во кое објаснува каде треба прво родителите да го бараат своето дете, ако се изгуби, за да спречат фатални последици. Имено, на сите ни се случило барем еднаш да не можеме да го најдеме своето дете, особено во домот.
„Ако не можете да го најдете вашето дете, прво треба да ги проверите овие три места. Времето е од суштинско значење во овој случај, што значи дека колку подолго вашето дете е таму, толку е поголем ризикот да му се случи нешто опасно. Затоа ова се местата што прво ќе ги проверите. На прво место е автомобилот. Имено, температурата во автомобилот може брзо да се зголеми, а децата оставени во автомобилот може да се прегреат, што може да резултира со фатални последици“, објаснила Јуркуц.
„Второ место се сите водени површини, како кади, базени, па дури и кофи полни со вода. Само неколку сантиметри вода и 20 секунди се доволни за децата да се удават.
Последното место е улицата. Секогаш запрашајте се дали вашето дете можело да залута на улица. Возачите во автомобили можеби нема секогаш да можат да го видат вашето дете, особено ако е малечко, па тоа може да биде многу опасно“, додала таа во описот на видеото, кое брзо станало вирално.