Егезкутивните функции во мозокот се однесуваат на сите способности што водат кон целисходно поведение, т.е. поведение насочено кон одредена цел.
Префронталната кора во мозокот е делот кој е одговорен за егзекутивните или таканаречени извршни функционални вештини. Во тој дел се одвива планирање на активности, создавање стратегија и емоционална експресија. Овие вештини ни овозможуваат да внимаваме на она што е важно, да ги инхибираме нашите импулси и да ги процениме можните ефекти од нашето однесување пред да дејствуваме. Исто така, овозможуваат да разделиме задача, да ги процениме опциите, да планираме и да организираме некаков материјал или некаква активност. Извршната функција е всушност „диригент“ кој му кажува на остатокот од мозокот како да работат заедно за да ја проценат, организираат и извршат акцијата.
Егзекутивните способности се развиваат цело време и го продолжуваат својот развој и во возрасна доба. Веќе во 8. месец кај детето се активира работната меморија, потоа од 2,5 до 5 години се појавуваат внимание, егзекутивните фикции, како и размислувањето за себе, а од 5 до 8 години – препознавање, формирање на концепт, селективно внимание и планирање.
Слабите егзекутивни способности кај детето се согледуваат кога детето не може да се организира, да остави доволно време за да ги изврши работите, да заборави каде се наоѓа и да има проблеми со завршувањето на задачите докрај. Може да ја заврши домашната задача, а потоа да заборави да ја предаде. Таквите деца имаат проблеми да ги поделат работите на мали делови и последователно да ги завршат сите чекори во задачата.
Испад во егзекутивни функции е најчесто присутен кај децата од аутистичниот спектар. Децата со ваков испад во функцијата често не можат да започнат нова задача. Тие особено имаат тешкотии да остават претпочитана активност (т.е. видеоигра, редење сложувалка) за да направат непретпочитана активност (домашна работа, читање книга). Откако нивниот ум е во нешто ангажиран, тие имаат тешкотија да ја префрлат работната активност на нешто друго, односно отсуствува ментална флексибилност. Тука може да биде карактеристична опсесивноста кон една конкретна едукативна тема, на пример, изучување броеви и букви и неможност за префрлање на друга едукативна содржина во дадено време. На пример, може да ги вознемири менување на зимските патики со летни бидејќи тие се фиксирани на она што претходно го правеле, односно го носеле. Во ваква ситуација советувам секогаш да им кажете што да очекуваат, колку долго ќе трае и што ќе следува.
Направете ја нивната рутина многу структурирана и предвидлива за да се минимизира менувањето што ги доведува до вознемиреност и фрустрација. Дајте им предупредувања од 5 минути, па 3 минути, а потоа и една минута кога се префрлате на нешто друго. Исто така, ако очекуваниот настан може да биде откажан поради некоја причина (т.е. временски услови), а сте им го ветиле, тогаш треба да се идентификува предвреме планот Б. Ова ќе помогне за да се одржи емоционаланата стабилност кај детето.
Исто така, овие деца имаат тешкотии во извршувањето повеќе задачи затоа што имаат проблеми со задржување на информациите во нивната краткорочна меморија, а потоа со префрлање на вниманието помеѓу задачата која е прифатена и информациите што им се потребни за да ја завршат задачата. Исто така, додека се вклучени во акција, тие имаат тешкотии да го следат и проценат сопственото однесување и да проценат како нивните постапки влијаат врз другите. Тие не можат да дејствуваат, а истовремено да размислуваат како постапуваат, што е од суштинско значење при интеракција со другите луѓе.
Егезкутивните функции подлежат на дефектолошки и невропсихолошки третман и се тренираат со поддршка од дефектолог или невропсихолог преку невропсихолошка рехабилитација.
Вештините од функционален извршен карактер кои им се потребни на учениците за подобра функционалност при учењето и подобар училиштен успех треба секојдневно да се стимулираат за време на наставата и образовниот процес. Тука треба да се стави акцент на:
иницирање задачи со нивоа на тежина, прифаќање на предизвикот и препреките при решавање на задачата, самоконтрола, внимание, управување со времето, одржување работна меморија која ги држи информациите во нашиот мозок додека работиме или мислиме, флексибилност или приспособување кон нови ситуации и справување со промените, планирање, развој на стратегија пред започнување со задача, организација или развој и одржување на системи за да останат уредни, истрајност работејќи низ предизвиците за да се постигне целта, упорност. Од квалитетот на образовниот процес ќе зависи училишниот успех на учениците.
912