Воспитување

Што се случува во срцето на детето кое не е сакано?

Ниту еден родител нема да признае дека не го сака своето дете. Сепак, тоа се случува почесто отколку што би требало. Ако родителот има лош однос кон детето, тоа е главно бидејќи немал свесна или зрела желба да има деца. Ако детето не е сакано, тоа ќе се однесува така што ќе ги покажува својата болка и непријатност. Детето не разбира што му се случува, го гледа светот како опасно место и ќе направи сè за да го промени тоа.

Родителите дополнително ја комплицираат ситуацијата со тоа што нема да признаат дека го запоставуваат детето. Тие го рационализираат своето однесување од различни причини, па дополнително не му покажуваат доволно љубов или го злоупотребуваат. Ваквите родители сметаат дека секој начин на агресивно однесување кон детето или нивната рамнодушност е всушност за доброто на детето. Затоа на крајот детето е збунето и мисли дека направило нешто погрешно.

„Никогаш не е доцна да имате среќно детство“ – Том Робинс.

Да кажеме дека мајката е онаа што му вели на детето дека ја заморува или дека не може да излезе на крај со него. Се случува секоја мајка да го каже ова некогаш, особено ако денот ѝ бил стресен. Но, често се случува и родителите да бараат од детето нешто што тоа сè уште не е во состојба да го направи.

Родителите често имаат големи очекувања од детето, лошо му ги објаснуваат работите или очекуваат повеќе од него отколку што тоа е способно да направи во тој момент од развојот. Еден пример би бил – детето секогаш да биде мирно или да следи нешто подолго отколку што е способно за тоа. Со тоа родителот е оној што се фрустрира поради своите нереални очекувања. Што е уште полошо, ќе ја пренесе фрустрацијата и на своето дете така што тоа ќе мисли дека е неспособно.

Детето кое не е сакано гледа дека речиси сè што прави ги нервира неговите родители. И дека ништо што ќе направи не е доволно добро за неговите родители да го прифатат. Затоа чести ги обвинува, мисли лошо за себе и се чувствува беспомошно. Тоа верува дека што и да направи, нема да може да влијае врз исходот од случувањето. Детето не може да разбере зошто страда, па својата анксиозност и болка ги покажува со своето однесување:

– Може да развие стравови и фобии од мрак или ситуации кои не може да ги контролира.

– Станува импулсивно, не може да ги контролира бесот и силните емоции (дури и радоста), па често реагира бурно.

-Еден ден бара едно, а следниот друго. Често го менува своето однесување. Ова е вообичаено за децата, но кај запоставените деца е многу посилно изразено.

– Станува анксиозно. Не може да седи мирно, постојано нешто прашува или ги повторува работите на некој друг начин.

– Тешко се концентрира и тешко следи. Има проблеми на училиште. Се обидува да стане невидливо за своето опкружување.

– Детето кое не е сакано нема социјални вештини. Непријатно му е или лошо се чувствува во присуство на други деца или луѓе.

– Станува сомнително и збунето. Покажува знаци на непријатност. Некои од овие деца се многу тврдоглави, а други, пак, престанале да бидат темпераментни. Генерално овие деца изгледаат тажни, покорни и очајно им е потребна поддршка.

На луѓето им е потребен допир, прегратка и топли зборови речиси целиот живот, особено во детството. Тие се храна за нашите емоции за да можеме душевно да растеме. Ниту еден родител не е совршен, но секој мора да се погрижи детето да се чувствува сакано и како драг член на семејството.

Рамнодушноста или одбивањето на децата многу боли. Таквите однесувања на децата им прават рани кои тешко зараснуваат и во возрасна доба.

Автор: М. Милојковиќ

Извор

Поврзани написи

To top