Дури и ако не сте пушач, редовната изложеност на чадот од цигари може да предизвика сериозни здравствени проблеми и да доведе до смрт. Пасивното пушење убива 3.000 луѓе годишно во САД, кои заболуваат од рак на белите дробови, иако никогаш не запалиле цигара, додека десетина илјади други умираат од болести на срцето.
Зошто го споменуваме ова? Затоа што кај нас, и покрај сите напори, свеста за опасностите од чадот од цигари за децата, без оглед на тоа дали е во текот на бременоста или откако ќе се родат, не е доволно развиена.
Многу мајки ќе кажат дека пушеле целата бременост, но нивните деца се родиле здрави, без проблеми. Тоа е добро, но мора да се имаат на ум два факти. Првиот е дека многу мајки што имаат дете со здравствени проблеми поради пушењето во бременоста нема да го признаат тоа. Вториот е уште поважен: тоа што детето е родено здраво не значи дека последиците од изложеноста на чадот од цигари нема да се појават подоцна, кога ќе порасне.

Милиони деца секојдневно се изложени на пасивно пушење без оглед дали тоа е во нивните домови, во ресторани, кафулиња и на гости. Истражување покажува дека ако некој пред вас испуши 10 цигари, тоа е исто како вие да сте испушиле 4. За децата, ситуацијата е уште полоша бидејќи нивниот организам дише побрзо и апсорбира поголеми количества штетни материи од чадот од цигари. Нивните белодробни функции се во развој, така што изложеноста на чадот од цигари сериозно го загрозува нивниот здрав развој.
Да сумираме: пушачите ги загрозуваат своите деца. Истражувањата јасно покажуваат дека пасивното пушење има негативни ефекти и врз децата на пушачите, и кога самите не пушат во домот. Единствениот начин да не го загрозите здравјето на вашите деца со вашите лоши навики е да ги оставите цигарите. Не да не пушите кога сте со децата, туку да не го правите тоа воопшто.
912