Не е тајна дека бебињата ги сакаат приспивните песни, но ново истражување покажува дека пеењето на бебињата има и други придобивки покрај моменталното смирување. Всушност, редовното пеење на бебињата не само што го подобрува нивното расположение, туку има и позитивен ефект врз менталното здравје на родителите, според нова студија објавена во списанието „Детски развој“.
Студијата ја спровел меѓународен тим на научници од Јеил, Принстон, Окленд и други институции, а нивната цел била да видат дали едноставна музичка интервенција преку паметен телефон може да ги охрабри родителите да им пеат на своите бебиња почесто – и какви придобивки може да донесе.
Редовното пеење го подобрува расположението на бебето
Во студијата учествувале 110 родители со бебиња, претежно од САД и Нов Зеланд. Учесниците во експерименталната група биле упатени да им пеат на своите бебиња почесто од вообичаено. Во текот на денот тие пополнувале кратки анкети преку апликација во кои го оценувале расположението на своето бебе, нивото на стрес, квалитетот на спиењето и присуството на музичко однесување.
Резултатите покажале дека бебињата чии родители учествувале во програмата за пеење имале значително подобро расположение – особено кога требало да бидат смирени. Иако на родителите не им било експлицитно кажано да го користат пеењето за оваа намена, тоа била единствената активност чија фреквенција значително се зголемила.
Истражувачите нагласуваат дека ова е една од првите студии што воспоставува причинско-последична врска помеѓу зголеменото родителско пеење и подобреното расположение кај доенчињата.
-Пеењето е универзална практика – родителите низ целиот свет и низ историјата интуитивно им пееле на своите бебиња за да ги смират и да се поврзат со нив – нагласиле од истражувачкиот тим.
Иако влијанието врз расположението на родителите било помалку изразено, истражувачите нагласуваат дека постои врска помеѓу благосостојбата на детето и стресот кај родителите, што отвора можност за долгорочни придобивки.
-За педијатрите и професионалците што работат со семејства, препорачувањето почесто пеење на бебињата може да биде едноставен и достапен начин за поддршка на благосостојбата на децата – наведуваат авторите на студијата.
Родителите сакале да продолжат да пеат
Студијата не била без свои ограничувања – повеќето учесници биле бели, високообразовани и финансиски стабилни, што ја намалува генерализацијата на резултатите. Покрај тоа, сите податоци за расположението доаѓале од родителите, што го воведува ризикот од субјективност.

Сепак, учеството во студијата било големо, а интересот бил доволно силен за веќе да се спроведуваат нови студии. Во тек се две дополнителни студии, вклучувајќи осуммесечна студија која ги споредува ефектите од пеењето, слушањето музика и читањето на бебињата.
По завршувањето на студијата, дури 90,3 % од родителите рекле дека ќе продолжат да им пеат на своите бебиња. Повеќето го опишале искуството како позитивно и особено ја ценеле можноста да ја вклучат музиката во нивната дневна рутина и да го забележат нејзиното позитивно влијание врз своето дете, како и врз себе.
-Со оглед на тоа што расположението на доенчето е тесно поврзано со стресот кај родителите, поврзувањето родител-дете и подоцнежниот емоционален развој, таквата едноставна интервенција би можела да има долгорочни придобивки – заклучиле истражувачите.