Кога симптомите ќе се забележат рано и се лекуваат, децата со Кавасаки болест почнуваат да се чувствуваат подобро во рок од неколку дена

Светската здравствена организација неодамна објави дека мора да се проучи можната врска меѓу Ковид-19 и болеста Кавасаки (позната и како Кавасаки синдром) кај децата откако во Европа биле регистрирани 230 деца со ваков синдром, а две деца починале.

Еве што родителите треба да знаат за оваа болест:

Што претставува болеста Кавасаки?

Кавасаки е болест која предизвикува воспаление (оток и црвенило) во крвните садови низ целото тело. Се случува во три фази, а долготрајната температура обично е првиот знак.

Состојбата најчесто влијае на деца помлади од 5 години. Кога симптомите ќе се забележат рано и се лекуваат, децата со Кавасаки болест почнуваат да се чувствуваат подобро во рок од неколку дена, објавува kidshealth.org.

Кои се знаците и симптомите на Кавасаки?

Болеста има симптоми и знаци што се појавуваат во фази. Првата фаза, која може да трае до 2 недели, обично вклучува температура што трае најмалку 5 дена.

Другите симптоми вклучуваат:

– Црвени („крвави“) очи;
– Розов осип на грбот, стомакот, рацете, нозете и пределот на гениталиите;
– Црвени, суви, испукани усни;
– Јазик „јагода“ (бела обвивка со црвени топчиња на јазикот);
– Болно грло;
– Отечени дланки на рацете и долниот дел на стапалата со виолетово-црвена боја;
– Отечени лимфни жлезди во вратот.

Втората фаза обично почнува 2 недели по почетокот на температурата. Симптомите можат да вклучуваат:

– Лупење на кожата на рацете и нозете;
– Болки во зглобовите;
– Дијареја;
– Повраќање;
– Болки во стомакот.

Какви проблеми може да предизвика болеста?

Лекарите можат да ги третираат симптомите на Кавасаки кога е дијагностицирана рано. Повеќето деца ќе се чувствуваат подобро во рок од неколку дена од почетокот на третманот.

Ако состојбата не се открие рано, пациентите можат да имаат сериозни компликации што влијаат на срцето, како што се:

– Аневризма на коронарните артерии, кои снабдуваат крв во срцето;
– Воспаление на срцевиот мускул, залистоците и надворешната мембрана околу срцето;
– Аритмии, кои се промени во нормалната шема на чукањето на срцето;
– Проблеми со некои срцеви залистоци.

Што ја предизвикува оваа болест?

Лекарите не знаат што ја предизвикува Кавасаки болеста. Тие веруваат дека таа не е заразна. Најчест е кај деца со јапонско и корејско потекло, но може да влијае на секое дете.

Како се дијагностицира болеста?

Симптомите можат да изгледаат слично на оние на другите детски вирусни и бактериски заболувања. Лекарите обично го дијагностицираат така што прашуваат за симптомите (како што е долготрајна температура) и со спроведување на преглед.

Ако лекарот се сомнева за оваа болест, тој:

– Ќе нареди тестови за проверка на срцето, како што е ехокардиограм;
– Може да тестира примероци од крв и урина за да се исклучат други состојби, како што се Шарлах, сипаници или малолетнички ревматоиден артритис.

Што друго треба да знам?

Повеќето деца на кои им била дијагностицирана Кавасаки, се опоравуваат целосно, особено кога рано им е дијагностицирана и рано е почнато лекувањето. На некои, особено оние кои развиле проблеми со срцето од Кавасаки, можеби ќе им биде потребно дополнително тестирање и консултација и преглед од кардиолог (доктор специјализиран за состојби кои влијаат на срцето).

Во Македонија лекарите алармираа за две деца на 8 и 5-годишна возраст со симптоми слични на болеста Кавасаки. Тие имале осип на кожата кој се повлекол за една недела, температура и стомачни тегоби. Децата се во добра состојба, излекувани и веќе се дома. Им биле направени тестови за Ковид-19, на кои се негативни.

 



912

X