Многу луѓе што немаат деца се интересираат за ова, дури и оние што имаат деца, но не се по цел ден со нив… Еве го одговорот, еднаш засекогаш: тие го поставуваат темелот за урамнотежен развој и здрава иднина на детето…
За сите оние мајки што се мачат да го успијат своето бебе и самите толку често се будат што не паметат кога последен пат ја преспале ноќта без да станат. Ако сте се прашале за што служи сето тоа и дали можат покрај бебето да завршат и некоја друга работа дома, еве го конкретниот одговор:
Ништо нема да стигнете да направите дома додека сте со бебето
Сите што ви кажуваат поинаку, не се искрени или можеби комплетно заборавиле.
Можеби ќе успеете нешто да каснете.
Можеби ќе стигнете да се облечете (а можеби и не).
Можеби ќе одите на прошетка со бебето (тоа ќе се израдува).
Можеби кратко ќе зборувате на телефон или ќе ја ставите валканата облека во машината за перење, но ништо од тоа нема да го завршите докрај.
Сето ова е сосема нормално за новопечените мамички.
Па што правите по цел ден?
Најверојатно не го правите она што може реално да се измери.
Едноставно одговарате правилно и трпеливо (колку што е можно со оглед колку сте уморни) на насмевките на бебето, солзите, сонливоста, го учите бебето како да се приспособи на овој комплексен и од емоционален аспект многу суров свет.
Го одржувате бебето чисто, а под тоа се подразбира многу преслекување, миење и чистење, а тоа не може да го сфати ниту едно лице што нема искуство со мали деца.
Го учите тоа мало и беспомошно суштество каков е овој свет – барем најважните работи, на пример, како се однесуваме едни кон други и што значи да се биде приврзан кон семејството.
Создавате темели на љубов и доверба меѓу вас и детето, она што ќе го нагоди вашиот родителски компас, ќе влијае врз вашите идни интеракции и ќе обезбедите темели за начинот на кој детето во иднина ќе го доживува остатокот од светот.
Можеби во поголемиот дел од денот го доите детето и тоа може да создаде разни компликации и треба време да се воспостави ритам и сигурност во тоа што го правите, но кога еднаш ќе успеете, ќе ви биде многу полесно отколку да подготвувате адаптирано млеко во шишенце. А тоа има многу придобивки за вас и бебето.
И се разбира, станувате мајка.
Тоа почнува од моментот на зачнувањето и продолжува по раѓањето.
И главно, тоа е тоа. Така изгледа вашиот ден.
Нашата култура нема добар начин да измери што постигнувате во еден ден. Ниту општеството. Вашето бебе ќе расте и ќе доживува различни скокови во развојот.
На невешто око, повеќето од овие работи му изгледаат како ништо да не правите.
Но ние знаеме подобро.
Нема поголема задача од тоа „ништо“ што го правевте вчера, од „ништото“ што го правите денес и што ќе го правите утре. Грижата за детето подразбира непосредно искуство, а првите две години претставуваат влог.
Се работи за давање, давање и уште малку повеќе давање.
И, да – додека ја работите најтешката работа на светот, реално ќе ви се чини како ништо да не правите.
Но, еве каде станува интересно…
Колку и да ѝ треба и да сака одмор, ниту една мајка подоцна не вели: „Требаше помалку да го држам бебето в раце“.
Нема да се сеќавате на садовите што не сте ги измиле, на пеглањето кое не дошло на ред или валканата облека која сте ја носеле почесто отколку што сакате да признаете.
Ќе се сеќавате на првата насмевка, првите зборови, првото ползење, првите чекори…
Затоа, кога следниот пат ќе се запрашате како ви поминал денот, а вие ништо не сте направиле – застанете.
Земете го во прегратка вашето бебе – почувствувајте колку тоа мало тело во себе има џиновска душа, комплетна и со полн потенцијал во исто време.
Полека вдишете длабоко. Затворете ги очите и не мерете го својот ден преку задачите и обврските, туку низ чувствата.
Исцрпеноста е дел од тоа. И навистина, „ништо“ нема да направите.
Но напорните делови ќе исчезнат.
Интензивната, горлива љубов е она што останува засекогаш.
Автор: Ана Раст