Замислете го следното сценарио: Го водите детето во градинка и многу доцните бидејќи сте се успале. На воспитувачката и велите дека сте морале итно да одите до работа да однесете некои документи, па сте го донеле детето веднаш после тоа, но ете – сообраќаен метеж. Вашето дете стои до вас, ве слуша и знае дека кажувате лаги.
Лажење за извлекување од непријатни ситуации е толку вообичаено кај возрасните луѓе, што многумина не ни забележуваат кога го прават тоа, особено кога се во прашање т.н. бели лаги. Кога децата се во близина, ниту една лага не е безопасна. Следејќи го вашиот пример, вашето дете би можело да заклучи дека лажењето е сосема во ред, дури и кога некои поголеми работи се во прашање.
Криете работи од партнерот
Ако имате навика, на пример, да купите нешто скапо за себе, а на детето му речете „Шшш, тато не мора да знае дека ова сме го купиле“, тоа звучи како крајно безопасна работа. Или, ако на детето му дадете колаче и му кажете да не и каже на мајка си. Можеби дури ќе помислите дека тоа може да биде и добар начин да се поврзате и зближите со детето. Меѓутоа, вистината е дека со тоа му покажувате на детето дека е сосема во ред да го лаже родителот и воедно го поткопувате неговиот авторитет.
Го задевате детето
Можеби вам ви звучи забавно пред другите луѓе или партнерот да внесете малку сарказам во комуникацијата со детето – на пример, да му кажете дека ќе се претвори во лубеница ако ја проголта семката од тоа овошје – но вашето дете нема секогаш да знае дека вие се шегувате. Децата се сфаќаат буквално, па затоа е најдобро да го прескокнете овој вид на забава и да пронајдете друг начин да се развеселите себеси или друштвото.
Поминувате премногу време на телефон
Ако мислите дека е во ред вашето дете да има мобилен телефон од 6 години и да игра на таблетот пред да научи да оди, тогаш слободно поминувајте време колку што сакате на телефонот. Но, ако спаѓате во родителите кои би сакале нивното дете да го поминува детството занимавајќи се со работи како што се книги и „Лего“ коцки, тогаш би требало и вие да се свртите кон книгите и креативната забава наместо кон телевизија и „Инстаграм“.

Ги губите нервите
Веројатно ќе знаете дека не треба да ги губите нервите и да им викате на децата. Но, не би требало тоа да го правите со никого, ако вашето дете е во собата. Имено, ако се изнервирате на сопругот и почнете да му викате, голема е веројатноста дека вашето дете ќе помисли оти тоа е виновно за тоа. Децата во повеќето случаи мислат дека лошото расположение на родителите, тие се виновни, така што нервирањето и викањето од било која причина – дури и ако во филмот кој го гледате се случило нешто лошо – треба да се избегнува.
Исмејување на пријатели или роднини
Една шега на сметка на „сенилниот дедо Живко“ може да се вреже во сеќавањето на вашето дете. Не само што тоа ќе направи детето да помисли дека е во ред да омаловажува помалку среќни луѓе, туку постои шанса и дека следниот пат кога ќе ја видите личноста која сте ја исмејувале, вашето дете да ги повтори вашите зборови.