Здравје

Што не треба да правите кога се болни децата, според педијатар

Како и секој родител, педијатарот и мајка Кели Фрадин знае колку е тешко да се грижите за болно дете. Фрадин се образовала на „Харвард“ и вели дека кога нејзините деца се болни, таа секогаш обрнува внимание на петте работи наведени подолу.

Ако имаат температура, но спијат, никогаш не ги буди за лекови

Спиењето е важно за заздравување, закрепнување и раст, а тешко е да спиеме доволно кога кашламе или имаме затнат нос.

„Со тоа што ќе им дозволиме на децата да се одморат, ние се осигуруваме дека имунолошкиот систем на децата е поспособен да се бори со вирусот“, истакнала таа.

Секогаш им дава лек за намалување на температурата ако децата не изгледаат добро

„Доколку детето има температура и дише побрзо или потешко, пие помалку течност или не може да спие, не би се двоумела да му дадам безбедни и ефикасни лекови“, вели д-р Фрадин, но истакнува дека е неопходно да се посети лекар ако ги користите лековите најмалку три пати на ден, повеќе од три дена.

Секогаш ги набљудува децата

Д-р Фрадин тврди дека термометрите не се најточни и затоа предупредува: „Погледнете го вашето дете пред да почнете да паничите“. Ако децата се добро, дишат нормално и се хидрирани, ситуацијата веројатно не бара итна медицинска помош. Исто така, ако детето изгледа многу болно, а термометарот вели дека нема температура, можеби сепак му треба лекарска помош.

Никогаш не користи ништо друго освен мед против кашлица

Американската академија за педијатрија не препорачува лекови против кашлица, а лекарката се согласува.

„Сирупите за кашлица понекогаш ги имаат истите состојки како антипиретиците, што значи дека може да доведат до предозирање. За деца постари од една година, користам само мед или сируп против кашлица со мед како главна состојка. Се покажало дека тие дејствуваат исто како и другите лекови, но со помалку ризици“, вели таа.

Никогаш не ја мери дозата на лекови со лажички

Дозите на лекови за деца зависат од возраста и тежината, а лажичките се со различна големина. Поради ова, д-р Фрадин секогаш ги проучува упатствата за дозирањето на лекот во милилитри и им ги дава на децата со помош на шприц, за да се увери дека ја дала точната доза на лекот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top