Само оние што навистина се во таква ситуација знаат колку е потребно да се биде мајка и да се работи со полно работно време. „БазФид“ неодамна објави сведоштва на мајки кои живеат таков живот, ги усогласуваат семејните обврски и кариери, а ова се некои од нив:
„Потешко е отколку што очекував да биде. Немаме никој од семејството во радиус од 480 километри, така што секогаш мораме да платиме за некој да ни помогне со децата. Секогаш кога ќе ја земам ќерка ми од градинка и воспитувачките ќе ми кажат дека научила нешто ново, зад мојата ентузијастична насмевка се крие болката што сум го пропуштила тој момент затоа што сум морала да работам. Чувствувам постојана вина и осуда, што и да правам“, се пожалила една мајка.
„Сите претпоставуваат дека кога ќе имате дете, треба да сакате да бидете мајка што ќе остане дома. Работев напорно за мојата диплома и мојата позиција, а продолженото отсуство ќе биде штетно за моите долгорочни цели во кариерата. Не бев присутна во секое време и за пресвртниците и клучните моменти, но мојот син сигурно почувствувал дека секогаш сум тука кога се случувале големи работи“, признала друга.
„Треба да имате рамноправен партнер кој ве поддржува. Не само што е убаво да се има таков партнер, туку е и многу важно. Исто така, вработените мајки се најдобри вработени. Знаеме да водиме тимови, да бидеме поддршка, да балансираме помеѓу нежно охрабрување и поголеми барања, супер сме организирани и општо ги завршуваме задачите“, истакнала третата.
„Не е ништо поразлично од татко кој работи. Јас и мојот сопруг работиме со полно работно време. Ги усогласуваме нашите домашни задачи. Зошто би се мачела и би се чувствувала виновна што одам на работа и ги плаќам сметките кога милиони мажи го прават истото секој ден“, рекла четвртата.

„Јас сум авторка, па можам да работам од дома според мојот распоред. Но, тоа значи дека сум всушност мајка со полно работно време, плус и автор со полно работно време. Значи, јас сум мајка цел ден, а потоа останувам будна до 2-3 часот секоја вечер и без разлика на сѐ, се чувствувам виновна што не му посветувам 110 % од вниманието на детето или што не сум ја завршила работата“, искрено изјавила петта мајка.
„Тешко е да се работи со деца, на работа и дома во исто време. Можеби се чувствувате малку самоуверени во една од тие три области, но најчесто сте растргнати. И има толку многу очекувања од наставниците, докторите, соседите, колегите, за сите три аспекти од вашиот живот. Тоа е исцрпувачки и физички и психички и се борам да не ја сфатам негативно конструктивната критика. Се чувствувам како да работам напорно, но повеќето денови не гледам резултати“, рекла шестата мајка.