Кога станува збор за времето поминато пред екран, можеби е помалку важно да се фокусираме на тоа колку долго децата ги користат уредите и повеќе да обрнеме внимание на тоа како ги користат.

Истражувачи во Австралија анализирале повеќе од 2.000 студии, во кои биле вклучени повеќе од два милиона деца, за да ги утврдат добрите и лошите страни на времето поминато пред екраните кај децата. Тие откриле дека е поважно да се земе предвид видот на содржината што се гледа отколку колку долго се гледа.

Во истражувачкиот заклучок, објавен во „Nature Human Behavior“, истражувачите од Австралискиот католички универзитет напишале: „Откривме дека природата на интеракцијата е важна. Дигиталните платформи може да се користат за подобрување на образовните резултати, но тие исто така можат да предизвикаат штета“.

Гледањето телевизија со родителите е подобар избор

Во сите прегледани студии учествувале деца под 18-годишна возраст. Децата што гледале телевизија со своите родители ја подобриле писменоста, во споредба со оние што само биле „залепени“ за екраните.

Истражувачите посочуваат дека гледањето телевизија со родителите може да ја подобри писменоста бидејќи тие често одредуваат што гледа детето, зголемувајќи ја веројатноста за гледање образовна програма. Тие, исто така, можат да им поставуваат прашања на децата за програмата, што ги поттикнува да се вклучат и да ја истражат темата.
Слична поврзаност била забележана и со видеоигрите, кои биле корисни само кога ги поттикнуваат децата да развијат способност за разбирање и работа со бројки. Истражувачите, исто така, откриле дека гледањето реклами на дигитални уреди, како што се телевизори и компјутери, почесто доведува до избор на нездрава храна.

Американските педијатри ги повикуваат родителите да ги забранат екраните за децата под 18 месеци

Водечкиот американски лекар, д-р Вивек Марти, предупредува дека прекумерното време поминато пред екран може да влијае врз развојот на мозокот и е поврзано со дебелината, лошиот сон, доцнењето на говорот и проблемите во однесувањето.

Американската академија за педијатрија (ААП) не препорачува употреба на медиуми за деца под 18 месеци. За деца од 18 месеци до две години, академијата препорачува само висококвалитетна содржина и гледање на екранот само под надзор. Децата на возраст од две до пет години треба да го ограничат времето поминато пред екран на еден час.

Извор



912

X