По речиси две години пандемија, остануваме скептични за тоа што ни носи иднината. На многу начини се чини дека сè уште живееме во 2020 година. На крајот на краиштата, многу аспекти од нашите животи се изменети или остануваат во застој. Но, светот не престана да се врти, а влијанието на ковид-19 постојано е присутно. Оваа реалност предизвикува родителите постојано да се прашуваат како долгорочните ефекти од пандемијата ќе ги променат нивните семејства? И уште поважно, што можат да направат за да бидат среќни?
Можеби немаме кристална топка за да ја видиме иднината, но ова се неколку корисни, мали начини на кои родителите можат да обезбедат нивните семејства да имаат посреќна година, без оглед на неизвесноста. Давањето приоритет на овие совети нека биде вашата цел.
Грижете се прво за себе
Пред да можат да се грижат за радоста на семејството, родителите мора прво да се погрижат за себе. Овие изминати две години беа време на промени, загуби и огромен стрес. И никој не треба да се изненадува што кога родителите или старателите се под стрес, такви се и децата. Можеби е потребна терапија, повеќе време поминато насамо или значителни можности да се поврземе со нашето внатрешно јас.
Џесика Зимерман, сертифициран консултант која работи со адолесценти и семејства веќе 20 години, за порталот „Родители“ вели дека пандемијата е „глобална заедничка траума“ и нејзините ефекти врз менталното здравје сè уште се откриваат.
Дозволете им на децата да имаат вистински снежен ден
Кога бев помлада, живеевме во куќа на мал кампус во колеџ. Како што се натрупуваше снегот, полицајците од кампусот понекогаш одвојуваа делови од снегот од главната улица, па децата од соседството имаа забавно место за своите санки. И тие денови дефинираа што значи да имаш снежен ден од детството во мојата глава. Не може да се негира дека учењето од далечина е одлична алатка, но спомените од снежните денови треба да бидат заедничко универзално искуство за секое дете што живее таму каде што паѓа снег. Нека го имаат тој слободен ден затоа што, искрено, го заслужиле.
Времето поминато со семејството нека биде значајно
Оставете ги телефоните и таблетите, избришете ја прашината од вашите друштвени игри и најдете начини да поминувате квалитетно време како семејство. Можеби тоа значи да одвојувате време за да седнете на масата за вечера неколку пати неделно. Или можеби да одредите една ноќ неделно за семеен филм. Што и да е, погрижете се да го донесете вашето физичко и ментално присуство на маса.
Вратете ѝ се на вашата заедница
Истражувањата покажаа дека давањето и помагањето на другите може да помогне во зајакнувањето на физичкото и менталното здравје на една личност. Да си подадеме рака. Волонтирајте во вашата локална народна кујна, донирајте материјали за училиштата во областа во која живеете, купете цвеќиња за станарите во старски дом или оставете домашни колачиња на прагот на вашиот сосед.

Овозможете им на вашите деца да го користат сопствениот глас
Дури и под најтипичните околности, децата се предмет на одлуки на возрасните. Сега светот презеде радикални одлуки, а децата ги остави со уште помала контрола врз нивниот секојдневен живот. Според Цимерман, оваа напнатост може да доведе до зголемување на анксиозноста, депресија, злоупотреба на супстанции и целокупен стрес. Значи, не можеме да дозволиме да се случи да се попречат валидните чувства на нашите деца.
Ако сакаме посреќни семејства, од суштинско значење е да им дадеме до знаење на нашите деца дека нивните мислења и емоции се важни исто колку и нашите. Можеби сме исто толку немоќни како и нашите деца во однос на текот на пандемијата, но можеме да контролираме како ќе реагираме и можеме да веруваме дека клучот за севкупната среќа е во домот.
Автор: Кајла Смит