д-р Драган Костовски, дефектолог и биофидбек терапевт

д-р Драган Костовски, дефектолог и биофидбек терапевт

„Биофидбек центар“
Тел. 075 422 771
Biofidbek Centar

Повеќе од авторот

Научниците сè погласно укажуваат дека е потребно скратување на наставните содржини, воведување повеќе содржини од забавно-едукативен карактер, учење низ игра и деформализирање на овој многу чувствителен период од детската возраст

Дојде и тој ден, првиот училиштен ден и почнаа нашите првачиња да посетуваат редовна настава во училиште. Многу брзо ќе помине и првата, втората недела и додека трепнеме, едно цело полугодие изминало. Децата што првпат седнуваат во училишните клупи се соочуваат со еден сосема нов момент, а тоа е систем на правила кои треба да се почитуваат. Распоред, часови, време во училница, време за појадок, ручек и што уште не. Сето ова едно дете од 6-годишна возраст треба да го разбира, почитува и секојдневно да ја следи рутината на настаните што се организирани во училиштето.

Но дали природата на нештата го дозволува сето ова од детето на оваа возраст, од првачето?!

Невронауката недвосмислено укажува на тоа дека на оваа возраст е премногу да бараме од децата целосно да се посветат на она што им го организираме во училиштата во прво одделение. Сè уште детските синапси не се доволно подготвени за системот на формално образование, потребата од игра и активност е на прво место кај детето, а ние се обидуваме сето тоа да го скротиме и доведеме во еден ред кој нам ни е својствен, а не ним. Тие се соочуваат со препреки кои во овие први денови и недели им се премногу високи за надминување, честопати се сопнуваат од правилата и законите измислени од нас, возрасните.

Научниците сè погласно укажуваат дека е потребно скратување на наставните содржини, воведување повеќе содржини од забавно-едукативен карактер, учење низ игра и деформализирање на овој многу чувствителен период од детската возраст. Во пракса овие препораки не се почитуваат, дури се оди уште понапред во усложнување на севкупниот воспитно-образовен систем, а згора на тоа и сложената економска состојба на семејствата бара долг работен ден за родителите за сметка на родителството.

„Кога ќе си одам дома?!“, „Ме боли главата, стомакот“, „Ми се оди во тоалет“…

Секојдневно наставниците се сведоци на деца што плачат и бараат да ги видат своите родители, сакаат да си одат дома и честопати стануваат жртви на психосоматски симптоми од стресот во новата средина. Прашањето кога ќе дојдат да ме земат дома, наставникот мора да го слуша и по неколку пати од едно исто дете. Трендот целодневните паралелки да ги заменат класичните е јасен показател за тоа дека родителите имаат сè помалку време да им се посветат на своите деца, па се принудени да ги оставаат во училиште до доцните попладневни часови. Родителството полека ја губи својата примарна функција во модерното динамично општество.

Одлуката не е лесна, но изборот мора да биде вистински.
За да одлучите дали првачето е подготвено за целодневна настава или треба да оди во класична, најпрво поставете си го прашањето дали вашето дете е психо-физички спремно да седи во училиште цел ден. Доколку имате и најмал сомнеж, а имате доволно време вие да се погрижите за него за втората половина од денот, не двоумете се, преземете ја работата. Но доколку вашето дете покажува потреба и ви изгледа подготвено да го помине денот со своите врсници во целодневна настава, слободно овозможете му го тоа. Секако, на крајот среќата на вашето дете треба да ви биде индикаторот за одлуките што ќе ги носите.

Родителите имаат многу дилеми, но едно треба секогаш да имаат предвид – дека со родителството нема компромис. Секое дете има суштинска потреба од грижата на родителите, тие се тука за најмалите да го трасираат патот по кој подоцна во животот ќе чекорат сами. Секоја не добро помината подготовка за животните предизвици може да остави длабоки последици во подоцнежните години од животот на детето, кога еден ден и самото треба да стане родител.



912

X