Како и кај сите вакцини, и рота-вакцината може да предизвика нуспојави. Најчести несакани појави се треска, повраќање, дијареја. Но, придобивките од примање на вакцината, според лекарите, секако се поголеми. Од Комитетот за имунизација велат дека за вакцината особено се заинтересирани родители кои со првото дете искусиле инфекција поради рота вирус
Ќерка ми ги прими трите дози на рота-вакцината. Првата доза ѝ предизвика температура три дена од 38 степени, како и дијареја и повраќање. По втората доза имаше четири дена дијареја и намален апетит. По третата доза само повраќање еден ден, ни раскажа мајката Ивана од Скопје.
Деветмесечниот Олег, пак, првите две дози ги примил без никакви несакани реакции, а третата доза на рота му предизвикала чести столици. По 6-7 на ден, дури и 1-2 пати ноќе. Нуспојавата од рота-вакцината траела еден месец, вели скопјанката Сања Ј.
Дијареја, повраќање, треска, грчеви во стомакот се најчестите несаканите реакции од новата рота-вакцина, која влезе во календарот за вакцинација. За ублажување на несаканата реакција, препорачлива е зголемена доза на пробиотик, секако, во консултација со педијатар.
Но, придобивките, според лекарите, секако се поголеми. Ги штити децата од најчестите рота-вирусни инфекции кои предизвикуваат огромен проблем кај новороденчињата и децата до две години со особено изразени дијареи (проливи), дехидратација и други компликации.
Вакцината против рота-вирусите од неодамна е задолжителна и кај нас.
Д-р Емел: Нема несакани реакции кај сите деца
Рота-вакцината е составена од пет живи ротавирус-видови. Кога бебето ќе ја прими вакцината, неговиот имунолошки систем се поттикнува да создаде антитела против типовите на рота-вирусот кои најчесто се јавуваат. Овие антитела учествуваат во заштита од инфекциите со рота-вирусот.
Д-р Драгана Емел
– Ако детето е вакцинирано, не значи дека никогаш нема да се разболи со рота-вирусна инфекција, туку дека и да заболи, ќе добие лесна клиничка слика на гастроентеритис. Вакцинацијата треба да почне од 6. до 12-неделна возраст, а најдобро е да заврши од 20. до 22. недела или најдоцна до 32-неделна возраст. Важно е да се каже дека откако бебето ќе биде вакцинирано со вакцината, вирусот ќе се излачува во изметот, па како и секогаш, треба внимателно да се измијат рацете по менување на пелената. Како и кај сите вакцини, и оваа вакцина може да предизвика несакани дејства, кои не мора да се јават кај сите. Најчести несакани дејства се треска, повраќање, дијареја (овие може да се јават кај повеќе од 1 на 10 бебиња), чести (може да се јават кај 1 на 10 бебиња) инфекции на горни респираторни патишта. Невообичаени се болки во стомакот, течење на нос и болки во грлото, инфекција на увото, исип, крв во столицата – објаснува педијатарот Драгана Емел.
Ако детето добие каков било симптом, додава докторката, треба да се посоветува со неговиот педијатар.
– Не постојат одредени мерки на претпазливост или заштита кои може да се применуваат за да се намалат можните несакани дејства. Доколку се појават, тогаш педијатарот ќе ги посоветува родителите, во зависност од видот на несаканите дејства, дали и какви мерки да преземат – вели д-р Емел.
Проф. Грозданова: Консултации со педијатри, доверба во квалитетот на вакцината
Рота-вирусите се причинители за околу 25 отсто од заболувањата со дијареи кај децата до 5-годишна возраст и се една од главните причини за морбидитет и смртност во светски рамки. Рота-вакцината се користи во 97 држави во светот.
Проф. д-р Александра Грозданова
– Како и за другите вакцини, несаканите реакциите се многу ретки, но секако можни. Во однос на рота-вакцината, можна е појава на дијареја и повраќање, треска и болки во стомакот. За сите овие симптоми родителите треба да бидат информирани и советувани од лекарите и педијатрите и доколку се појават, да ги пријават. Лекарот, исто така, ќе процени дали постои контраиндикација за која било од вакцините, иако тоа се исклучително ретки состојби. Апсолутни контраиндикации за непримање вакцина се исклучително ретки. Состојби на имунокомпримитиран имунитет, друга болест која влијае врз имунолошкиот одговор, потврдени алергии со изразен карактер кон некоја од компонентите на вакцината се состојби при кои треба да се процени дали детето треба да ја прими вакцината – вели професорката Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација.
Таа вели дека за оваа вакцина има интерес кај родителите.
– Особено се заинтересирани родители кои со првото дете искусиле инфекција поради рота-вирус и виделе како изгледа – објаснува Грозданова.
Таа смета дека довербата на родителите во вакцинацијата ќе се стекне со повеќе чекори.
– Една од состојбите што можеби и најмногу влијаеле врз губење на довербата во имунизацијата е нетранспарентниот начин на набавка на вакцините, кој го доведуваше во прашање и нивниот квалитет. Токму затоа, при набавката на овие вакцини приоритет беше да се задоволат најригорозните барања во поглед на квалитет и безбедност. Овие вакцини се од реномирани европски производители, со комплетно досие и сертификати за нивниот квалитет – додава Грозданова.
912