Игротека

Што можат да научат децата од американските картички за благодарност?

Грасијас. Мерси. Данке. Махало. Так. Китос.

Дали знаете дека „ти благодарам“ може да се напише на повеќе од 465 јазици? И покрај тоа што станува збор за два едноставни збора, повеќето американски родители се среќаваат со отпор од нивните технолошки, современи деца кога инсистираат да ги напишат овие зборови во форма на картичка за благодарност. Понекогаш отпорот од децата е толку голем, што родителите се прашуваат дали воопшто вреди да се мачат.

Освен добри манири, дали има нешто плус што овие картички би можеле да ги научат децата?

Прво, не мора воопшто да се напишани со рака. Што ако вашата ќерка сака да ѝ се јави на својата баба и на телефон да ѝ искаже благодарност или вашиот син инсистира дека е полесно и поефикасно да испрати е-порака во која ќе се заблагодари за подарокот што му го дала неговата тетка?

Експертите велат дека рачно напишаните картички за благодарност носат големи придобивки кај децата – за нивното пишување се користат математички вештини, креативни вештини за пишување и најважно – ги подобрува вештините за формирање врски.

Покрај горенаведеното, Џен Олсен, основач на „Хендврајтинг видаут тирс“ во Мериленд, вели дека ако вашите деца пишуваат картички за благодарност, тие учат и манири.

– Добрите манири се поврзани со градење и одржување на односите. Манирите ве издвојуваат и го прават вашиот живот побогат – вели таа.

Покрај тоа, Олсен обезбедила обука за пишување и за родители и за наставници низ цела земја и странство повеќе од 30 години.

Што се однесува до дебатата дали детето треба да се заблагодари вербално или во пишувана форма, Олсен смета дека иако вербалното искажување на благодарност е добро, пишаното е уште подобро.

– Тоа е така затоа што може да биде зачувано, препрочитано и примачот може повторно да ужива во картичката – вели Олсен.

Креативното пишување и учењето да се биде дипломат и љубезен може да им биде претставено на децата токму преку пишувањето картички за благодарност.

Олсен предлага родителите да пишуваат картички за благодарност заедно со децата уште од мала возраст.

– Пораката што им ја давате на вашите деца е дека токму ова го прави вашето семејство – вели таа.

Кет Вагман, претседателка на „Воркинг вордс“, вели дека пишувањето картички за благодарност кај децата може да се воведе како забавна активност.

– Кога нешто е забавно, без разлика колку е тешко или предизвик, станува полесно и попријатно – вели таа.

Таа вели дека родителите не треба да гледаат на формата и структурата на картичките, туку да ги остават децата да ја искористат нивната имагинација. На тој начин пишувањето ќе биде забавно.

Според Маргерет Шепард, експерт за калиграфија, постои уште една причина зошто децата треба да научат да ги пишуваат овие картички. Различни истражувања покажуваат дека учењето да пишува кај човек создава различни патишта во мозокот и поттикнува различен вид размислување.

Освен тоа, родителите можат да вклучат и забавни факти за ракописот, додека децата ги пишуваат картичките. Ракописот во минатото често поттикнувал љубов, започнувал војни, воспоставувал мир, ослободувал робови, создавал движења и независност.

Иако компјутерите и е-поштата играат важна улога во нашите животи, ништо нема да ги замени искреноста и индивидуализмот изразен преку ракописот.

Автор: Кети Шилс Тули

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top