Родителите даваат сѐ од себе за да бидат најдобри што можат за своите деца. Понекогаш, се разбира, грешат затоа што сите ние грешиме, но сѐ додека се трудат да напредуваат, да ги поправат грешките, тие се на добар пат.

Некогаш од незнаење, а понекогаш едноставно затоа што сме научени така, на нашите малечки им кажуваме фрази кои се вообичаени и безопасни за нас, возрасните, но проблемот е што децата ги слушаат и доживуваат сосема поинаку. Ова често води до проблеми во комуникацијата и конфликти, понекогаш децата се чувствуваат лошо, повредени се поради тоа, а тоа е последното нешто што го сакаме.

Еве неколку примери на реченици кои родителите ги кажуваат и значат една работа, но децата го слушаат и разбираат тоа сосема погрешно.

„Ќути!“

Кога ќе му кажеме на детето „ќути“, тоа го разбира како: Премногу сум напорен/а.

Оваа вообичаена фраза е премногу апстрактна за малите деца и тешко е да ја разберат правилно. Наместо да го замолчите вашето дете на овој начин, обидете се да гестикулирате со раката да зборува малку потивко, покажете му да зборува потивко со шепотење или играјте игра за тоа кој може најдолго да молчи и понудете му нешто што ќе му го задржи вниманието.

„Внимавај!“

Со најдобри намери им кажуваме на децата да „внимаваат“, но пораката што ја добиваат е – светот е страшно место. Се разбира, тоа не значи дека треба да им дозволите на вашите деца да прават што сакаат, дури и ако тоа не е опасно, туку едноставно избегнувајте да им кажувате на овој начин. Наместо тоа, обидете се да се фокусирате на тоа што точно треба да прави детето: „Слези и оди по тротоарот“ или прашајте го детето: „Што треба да правиме пред да ја поминеме улицата?“ На овој начин нивната свест за животната средина ќе расте со текот на времето.

„Побрзај!“

Сосема е разбирливо што понекогаш брзате со вашето дете бидејќи сите знаеме колку време може да ви одземе за да го облечете или да му обуете чевли кога треба да одите некаде. Но, детето ја доживува оваа едноставна фраза како – морам да се откажам од моите желби заради твоите.

Наместо да брзате со вашето дете на овој начин, бидете јасни и сериозни: „Ќе тргнеме за десет минути“. Можете да му помогнете на вашето дете со одреден визуелен распоред, најавувајќи го следниот чекор или користејќи тајмер, во зависност од неговата возраст.

„Остави, јас ќе го сторам тоа“

На детето, да речеме, му треба многу повеќе време да ги врзе врвките на чевлите, но тоа не значи дека треба да го прекинувате секојпат со зборовите: „Пушти, јас ќе ти ги врзам врвките од чевлите“. И покрај тоа што го правите со добра намера и за да ги забрзате работите, малото дете го сфаќа следното: јас не сум способен да го правам ова, моите родители го прават тоа подобро.

Не правете го за вашето дете она што тоа може да го направи самостојно, туку дајте му време и можност да научи и поттикнете го да го прави тоа. Ако ви се брза, обидете се со: „Ајде јас да ти го облечам едниот чевел, а ти да го облечеш другиот.“

„Биди добро/а момче/девојка“

Реченицата која се користи со генерации всушност им испраќа порака на децата – добар сум кога се однесувам добро, а лош сум кога правам нешто лошо. За да спречите детето погрешно да ја разбере оваа фраза, важно е да му дадете до знаење дека секогаш е добро, но дека понекогаш прави нешто погрешно или не се однесува многу добро.

„Немој да скокаш/врескаш/удираш“

Верувале или не, по оваа фраза детето ќе го направи токму она што вие ќе му кажете да не го прави. А за да го избегнете тоа, сè што треба да направите е да му кажете што треба да прави наместо што не треба: „Стани од каучот“, „Можеш да удираш на тапаните“, „Ајде да разговараме потивко“…

„Престани да плачеш“

Речиси и да нема родител кој не го кажал ова барем еднаш, во ситуација кога се чини дека ништо не помага и детето не престанува да плаче. Сепак, малите деца ја разбираат оваа фраза како да им е „забрането“ да ги покажуваат своите емоции. Наместо тоа, помогнете му на вашето дете да ги именува емоциите што ги чувствува, дајте му до знаење дека е во ред да се чувствува така: „Гледам дека си тажен/а, јас сум тука за тебе“.

„Немој да се срамиш, ајде, прегрни го/ја“

Честопати, родителите во парк или на други места го охрабруваат своето дете да не се срами и да прегрне другарче, на пример. Меѓутоа, од ова детето добива порака дека тоа што го чувствува не е секогаш во ред и не е секогаш прифатливо – затоа што чувствува дека не сака да биде прегрнато од некого или да прегрне, а вие го терате.

Наместо тоа, кажете му на вашето дете дека сѐ што чувствува е во ред и дека треба да постапи соодветно. „Гледам дека не сакаш да се гушкаш во моментов, тоа е во ред“.

„Ништо не ти е, премногу си чувствителен/а“

Таа мала гребеница или некоја ситуација која на возрасните им изгледа толку мала, безначајна, е вистински проблем за детето. Фразата „во ред е“ или „ајде, премногу си чувствителна“ малите ја слушаат како – моите чувства се погрешни, не се нормални. За да избегнете вашето дете да ја добие оваа погрешна порака, прифатете ги неговите емоции, бидете тука за него, дајте му до знаење дека е во ред без разлика како се чувствува.

„Навистина ме налути!“

Децата ја толкуваат оваа фраза дека тие се одговорни за чувствата на другите, што не е и не треба да биде нивна одговорност. Наместо тоа, обидете се да му дадете до знаење на вашето дете: „Се нервирам кога ќе видам дека ја удираш мачката, може да ја повредиш на тој начин“.

Ако користите некоја од овие „погрешни“ фрази, не бидете строги кон себе. Тие се пренесуваат со генерации, па не е лесно да се запре тој циклус и да се промени нешто, но свеста дека нешто може да биде подобро е секако првиот чекор кон подобрување.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X