Јас сум една слободна птица која би умрела кога некој би ѝ ги скршил крилјата или би ја затворил во кафез. Знам дека ова сега и не звучи баш одговорно од мене, но јас навистина во време на пандемија бев повеќе од одговорна. Не се дружевме, храната ни доаѓаше на домашна адреса, редовно се миевме и чистевме (што и вообичаено го правиме, но јас имам благо опсесивно-компулсивно нарушување). Научив, иако тешко поднесувам „кризни“ ситуации, забрани и авторитет. Иако сето тоа веќе одамна го знаев. Карантинот не го разбуди во мене она најдоброто, ниту одеднаш одлучив да бидам подобра личност, ниту почнав да печам леб без квасец. Не правев ниту пластелин, ниту се осврнав на другите „направи сам“ активности што се појавуваа по социјалните мрежи. Заборавете. Работев. Колку и како што можев. И сопругот работеше. Колку и како што можеше. Проектите доцнеа, нервите беа сè потенки и потенки. Работевме во своето слободно време, додека малечката спиеше. Не ни беше до пластелин. Покрај сето тоа, Лавица го бараше нашето внимание, а моравме нешто и да јадеме.
Да се биде мајка и тоа вработена, и тоа во доба на корона, да се работи од дома, е голем предизвик
Да се биде мајка и вработена жена е многу тешко. Јас сум жена која не може без работа и без кариера. Не можам ниту без мајчинство. Лавица е најдоброто и највредното нешто што ми се случило во животот и таа е број еден на листата со моите приоритети, обврски и разонода. Таа е сè. Не сакам да звучи како клише, но таа е моето сонце, мојата месечина, моите ѕвезди, моето небо и мојот свет. Од друга страна, јас сум жена која ја интересираат многу работи, не само и исклучиво мајчинството. Ме интересира претприемништво и си ветив себеси дека еден ден ќе запливам во тие води, ме интересира напредување на работа, ме интересира добра книга, добар филм, излети во природа, како и далечни дестинации, уживање во јадење и пиење, забава, кафе и дружења. Сестрана сум. Не дека се фалам, само едноставно не можам да се замислам како мајка 24/7. Но, мајчинството ги стави на чекање некои работи, бидејќи бебето навистина е „фул тајм“ работа. Да се биде мајка и тоа вработена, и тоа во доба на корона, да се работи од дома, е голем предизвик. Најголем што ми се нашол на патот досега. Сопругот имаше извонредно одговорна работа, па покрај сето тоа, како што тоа веќе се случува, ги презедов на себе повеќето од обврските во домаќинството. Најмногу готвењето.
Тој навистина не е патријархален маж и добро се снаоѓа во сè освен во пеглање и чистење на тоалетот. Но, јас едноставно побрзо и подобро ги извршувам задачите во станот. Отворено признавам и дека веројатно боледувам од благ облик на опсесивно-компулсивно нарушување, па кујната мора да блеска и тогаш кога во неа секој секој миг нешто се готви.
Почнав да работам многу млада. Прво тоа беа некакви работи преку ученички и студентски договор. Тренирав пливање во море налето и на базен назима, бев келнерка и работев во кол-центар. Веднаш пред завршување на факултетот се вработив како наставничка по италијански јазик во една гимназија, а потоа ја добив животната можност и храбро тргнав во – за мене тогаш – неистраженото поле маркетинг. Не можам да замислам наутро да не се спремам за работа, да не седнам во автомобил, да не ја слушам водителката на радио, да не влегувам во фирма, да не ја поздравам екипата, да не седнам во својата канцеларија, да не го отворам лаптопот и да не работам. Сакам да работам, сакам да создавам, ја сакам динамиката на мојата работа. Ги сакам и луѓето со кои работам и со кои се среќавам на работа.
Моментално таквиот динамичен живот морам да го ставам на чекање до есен, до градинка. За среќа, и понатаму можам да обработам поголем дел од своите задачи дома, а кога е критично, можам да одам до работа. Не се сите работи, а ниту работодавци, такви како мојот и знам дека немаат сите жени можност да одбираат како и кога да работат. Како и да е, работеле од канцеларија или од дома, биле сами свој шеф или имале шеф, на жените во бизнис-светот им е потешко отколку на мажите. Дали сме за тоа самите виновни? Се работи за нашиот познат синдром „Остави, јас ќе завршам!“ или е нешто друго во прашање? Не знам. Знам само дека да се биде вработена мајка не е лесно. Да се биде мајка и да се сонуваат големи соништа за кариера и претприемништво, звучи нереално. Можеби и банално. Всушност, како вработена мајка често се среќавам со предрасуди. Ако работиш, а си мајка, нешто сигурно работиш лошо. Не можеш во сè да бидеш добра. Мајката мора да биде покрај детето. На таткото, без разлика што времињата се менуваат, поинаку се гледа. Па и тогаш кога децата одат во градинка, па на училиште, кај повеќето сигурно е случај мајката да зема боледување кога детето ќе се разболи. Како што вели една реклама: „Каде што има драма, тука е мама“. А каде е тато? За тоа нема цитат.
Никој нема право да ми соли памет за тоа каква мајка сум
Си ветив себеси, а и на својата полоша половина, дека нашето мало семејство СЕКОГАШ ќе ми биде на прво место. Прифаќам и неред, и прашина, и достава наместо зготвен ручек одвреме-навреме, бидејќи поважни се играта, насмевките и среќата. Но, не прифаќам дека поради мајчинството, треба да се занемарувам себеси и своите соништа. Знам дека сум најдобра мајка на моето девојче, само јас и таа, всушност, знаеме што сè сме поминале од бременоста до денешен ден заедно. Никој, значи НИКОЈ, нема право да ми соли памет за тоа каква мајка сум. Најдобра сум. И вработена сум, и ќе бидам вработена. Тоа ме прави среќна, а само среќна и исполнета жена може исто така да биде среќна и исполнета мајка!
И за крај, драги вработени мајки, сакам само да ви кажам дека сè што правите го правите и повеќе од добро! Одлични мајки сте, одлични сопруги сте и покрај тоа, одлични вработени сте, претприемачи и шефици!
Не сомневајте се во себе! Никогаш. Сестри, главата горе и само храбро!
Автор: Елена Виан Пројиќ, професорка, маркетинг-менаџер, блогерка, мајка