Во некои семејства се случува да бараат „виновник“ за она што се случило – кој е повеќе виновен меѓу браќата, кој е повеќе виновен од виновниот и слично. Пред воопшто да се бара решение, тие најпрво ќе мора да го пронајдат виновникот, а потоа да дејствуваат.

Има и некои луѓе што таа рамка на однесување ја следат низ целиот живот, па секојпат кога нешто ќе се случи, тие имаат потреба да го потенцираат виновникот и на тој начин да си олеснат себеси дека не е до нив, или пак некој друг е повеќе виновен од нив. Без разлика дали сме родители или не, старатели, воспитувачи, учители или „обични“ луѓе со ваков начин на однесување, важно е да го препознаеме и да поработиме на тоа.

Ова е рамка на однесување која најчесто не сме свесни дека ни е всадена од детството, кога и ние самите сме биле воспитувани така – во срам и вина. Можеби нашите родители барале виновник. Можеби тоа е единствениот пат што го знаеме.

Како се чувствува личноста што е виновна?

Како да седи на обвинувачка маса. Сите очи се вперени во неа. Како сите со прст да покажуваат на неа и сега таа нема право ништо да каже бидејќи е виновна и тоа е страшно. Не е дури ни важна тежината на ситуацијата, туку товарот од обвинувањето дека е виновна. Значи, дури и ако дете скршило обична стаклена чаша или вредна кристална вазна, товарот од обвинувањето е еднакво тежок и сериозен. Дури и ако некој украл една бонбона или куп пари, товарот на вината е еднаков.

Лицето што е обвинето се чувствува виновно, мизерно, беспомошно, за него нема спас, како сите на светот да знаат што направило. Лицето што е обвинето има потреба да пронајде некој кој е барем малку повеќе виновен од него бидејќи на тој начин му станува малку полесно. Инаку, товарот од вината е претежок, а не знае како поинаку да го отфрли од себе. Забележете дека виновникот нема најдобри вербални аргументи за своја одбрана. Најчестите аргументи се или молчење или обвинување на другите.

Како и колку е тоа корисно?

Вината и срамот се емоции со ниска вибрација и нема таква личност на планетата што не ги чувствува како прилично тежок товар. Лицата што чувствуваат срам и вина немаат паметни решенија за настанатата ситуација и многу ретко или никогаш немаат фокус на решението на ситуацијата, туку баш спротивно – фокусот е на тоа да ги обвинат другите малку повеќе и да се оправдаат дека не се за сè виновни лично тие.

Овие лица дури тешко преземаат одговорност на себе затоа што се чувствуваат премногу виновни, а повторно, од друга страна, бараат виновник во другите и бегаат од лична одговорност. Она што сакаме да го добиеме од детето и она на што треба да го научиме е да презема лична одговорност за своите постапки. Со обвинување на другите и чувството дека нешто не е доволно добро детето нема да го научиме на одговорност. Одговорноста е барање на одговори и решенија. Тоа значи дека имаме фокус на решението. Во вината имаме фокус на тоа кој е виновен.

Ако замислите еден правец, од една страна се одговорноста и начинот на размислување со барање решение (што можев да направам поинаку, како да постапам подобро другпат, како навистина требало, кои чекори не биле баш најдобри и сл.), а од друга страна е вината со фокус на барање виновник (кој е повеќе виновен, зошто, што направила таа личност, каква тежина има постапката и сл.).

Ја разбирате разликата?

Знам дека секој од нас со најдобра намера сака да го подучи своето дете како треба да дејствува. Некогаш од незнаење правиме нешто што не е корисно ниту за детето ниту за нас, родителите. Воспитувањето во вина не е корисно за целото семејство. Ако вас така ве воспитувале, време е да ги излечите раните од детството преку своето дете и да пронајдете соодветен начин и подобри методи за воспитување, со што на детето ќе му развивате одговорност и ќе го учите да има фокус на барање решенија за одредени ситуации.

Во повторувачките ситуации не користете ја вината (Повторно тоа го направи!!!), туку набљудувајте колку таа личност напредувала од минатиот пат и нагласете го напредокот – што е она што е поразлично, а каде има уште простор за поправка. Само затоа што нам тоа ни го правеле во детството, дали родителите, бабите и дедовците, воспитувачите, учителите или некој друг, ние мислиме дека тоа е единствениот и правилниот пат. Потсетете се само на чувството на вина што е како товар на рамената и грбот – не е ни малку пријатно.

Постојат поефикасни и подобри методи и моја топла препорака е да ги научите и да ги применувате.

Автор: Анита Вадас



912

X