Воспитување

Што кога во љубовната врска меѓу младите ќе се појави насилство

Кои видови насилство во љубовна врска постојат и како да препознаете дека токму вашето дете е во таква врска?

Во пубертетот децата влегуваат во фаза на емоционални и когнитивни промени, при што доаѓа до развој на мислењето, развивање на идентитетот, личните вредности и ставови, и независност од родителите. Во текот на тој период почнуваат да се јавуваат и првите љубовни чувства, па пубертетлиите почнуваат да влегуваат во своите први љубовни врски. Таквите врски можат да бидат многу угодни и корисни за вашето дете, низ нив може да учи за почитување на своите и на туѓите вредности, за важноста на довербата и искреноста, како и за слушање и поддржување. Меѓутоа, одреден број пубертетски врски се одликуваат со нездрави обрасци на однесување кои можат да имаат различни последици врз детето.

Како да препознаете дека вашето дете е во насилна љубовна врска?

За почеток, важно е да се знае дека насилството во врската може да се случи на повеќе начини. Може да биде физичко, емоционално, сексуално или економско. На насилството во врската секое дете реагира на сопствен начин, а неговата реакција ќе зависи и од видот на насилството со кое се соочува. Некои од последиците што можете да ги забележите кај детето се: губење на самодовербата, анксиозност, депресија, попуштање на училиште, злоупотреба на средства за зависност или чувство на срам и вина. Ако се сомневате дека вашето дете доживува насилство во врската, важно е да разговарате со него за тоа.

Што може да направите за да му помогнете на детето?

Многу е важно со детето да разговарате за тоа што ја прави квалитетна љубовната врска и да му објасните дека никој не заслужува друга личност да се однесува насилно кон него. Важно е да му посочите дека не е виновно за настаната ситуација. Обидете се да ја разберете перспективата на вашето дете и земете ги предвид неговите чувства.

Како се чувствува детето што се справува со насилство во љубовната врска?

На возрасните може да им биде тешко да се присетат како е да се биде во кожата на пубертетлија и како е да се справуваш со ситуациите што настануваат во првите љубовни врски. Децата може да имаат цела низа чувства, од тага и лутина, преку анксиозност до чувство на вина.

Во случај на сериозно насилство, важно е да побарате психолошка помош и поддршка за детето.

Поврзани написи

To top