Според „Шотс“ и соработниците, дури 75-85 отсто од родителите прибегнуваат кон користење цуцла како начин за смирување на новороденчето. Користењето на цуцлата има свои добри и лоши страни. Веројатно секој родител се нашол во ситуација кога не знаел како и на кој начин да го смири расплаканото и вознемирено бебе, освен да му понуди цицање на мајчините гради или цуцла. Во тие ситуации голема е користа од цуцла. Меѓутоа, се јавува прашањето: Кога на детето да му се „одземе“ цуцлата бидејќи му нанесува повеќе штета отколку корист?
Не е постигнат договор околу точниот одговор на ова прашање, но истражување на Американското здружение на стоматолози дало некои заклучоци. Резултатите покажале дека користењето цуцла кај 3 и 4-годишните деца често предизвикува дентални проблеми, како отворен или искривен загриз.

„Бошарт“ потврдува дека денталните проблеми предизвикани со предолго користење цуцла може да предизвикаат нарушување во изговорот, особено дисторзија на одредени групи гласови.
Новите истражувања покажуваат дека освен нарушување во изговорот, предолгото користење цуцла може негативно да влијае и врз јазичниот развој. Исто така, Светската здравствена организација потврдила позитивни корелации помеѓу цуцлите и честите воспаленија на ушите.
Со оглед на наведеното, важно е да не се претера со користењето на цуцлата и да се обидете што порано да пронајдете активност која ќе ја замени цуцлата, а ќе го смири детето.