Кога би можела да го живеам животот од почеток, еве што би променила:

На мојот син би му рекла: „Драги, не мораш да станеш инженер, не мора да бидеш ни адвокат. Не е важно што ќе бидеш кога ќе пораснеш. Ако сакаш да бидеш фудбалски коментатор – супер! Кловн во трговски центар? Браво!“

И кога мојот син ќе наполни 30 години, ќе дојде кај мене целиот испотен, ќелав и со размачкана кловновска шминка и ќе рече: „Мамо, имам 30 години и работам како кловн во трговски центар! Дали е тоа животот што го сакаше за мене? Што мислеше? Зошто ми дозволи да си играм наместо да учам математика? Зошто не ми кажа колку е важно образованието?“

Јас тогаш ќе го помилувам по ќелавата глава и ќе му речам: „Душо, но јас тебе само те поддржував во она што сакаше да го работиш. Не ти вршев притисок. Не те терав да вежбаш математика кога сакаше да играш со другарчињата“. А тој ќе рече осудувачки: „Не знаев до што ќе ме доведе тоа, бев дете, не можев да одлучам, но ти си можела да го направиш тоа наместо мене. Можеше да ме насочиш!“

Јас тогаш ќе станам, внимателно ќе го погледнам и ќе му кажам: „Тоа е тоа. На светот постојат 2 вида луѓе: едни живеат, а другите бараат виновник. А ако ова не го разбираш, тогаш, сине мој, ти си идиот“. Ќе рече само „ах“ и ќе се онесвести. Неговата психотерапија ќе трае 5 години.

ИЛИ НЕ…

Еден ден ќе добијам син и ќе го направам спротивното. Од третата година ќе му повторувам: „Не биди идиот, Владимир, размислувај за иднината. Научи математика, Владимир, ако не сакаш цел живот да бидеш оператор во кол-центар“. И кога ќе наполни 30 години, ќе дојде кај мене, испотен, ќелав програмер со длабоки брќки и ќе ми рече: „Мамо, имам 30 години и работам во Гугл. Работам 20 часа дневно, мамо. Немам семејство. Што мислеше кога ми рече дека добрата работа ќе ме усреќи? Зошто ме тераше да учам математика?“

И јас ќе речам: „Драги, сакав да стекнеш добро образование! Сакав да имаш шанса!“ А тој ќе ми врати: „Зошто ми треба шанса кога сум несреќен, мамо, по ѓаволите? Поминувам покрај кловн во трговски центар и му завидувам. Тој е среќен! Јас можев да бидам среќен човек, но ти ми го уништи животот!“

А потоа ќе станам, внимателно ќе го погледнам и ќе му речам: „Драги мој, постојат 2 вида луѓе: едни живеат, а другите постојано се жалат. Ако не го разбираш тоа, тогаш ти, сине мој, си идиот!“

Рече „ах“, падна во несвест и заврши 5 години на психотерапија.

Овој текст е за сите оние мајки што овие денови едвај издржуваат решавајќи домашни задачи со децата. Борејќи се со бесни тинејџери, со незадоволни деца. Опуштете се! Без разлика што правите, вашите деца утре ќе имаат што да кажат на психотерапија!

Автор: Светлана Кхмел

Извор



912

X