Сензорна интеграција претставува организација на примени сензации по пат на сетила кои доаѓаат до ЦНС, се обработуваат и овозможуваат да се спроведе некоја активност.
Кога мозокот не е во состојба да ја обработи добиената информација по пат на сетила, тогаш се верува дека постои сензитивна интегративна дисфункција. Кај овие нарушувања неопходно е да се овозможи адекватна стимулација на сетилата.
Децата со сензорна дисфункција често имаат промени во расположението, вознемирени се или раздразливи. На пример, децата со тешкотии во обработката на аудитивни стимулси, во текот на слушањето музика може да реагираат со ставање на рацете на ушите бидејќи чувствуваат преосетливост или, пак, спротивно – може да пуштат гласна музика без чувство дека е прегласно.
Исто така, нарушување во сензорната интеграција се забележува и во периодот на доенче, кога бебето е мирно или раздразливо, на пр., не сака да се бања. Може да се забележи и избегнување на одредени текстури на храна, јадење еднолична храна и одење на прсти. Се јавуваат и тешкотии во координација, губење рамнотежа при одење. Често е придружено со тешкотии во делот на одржување на внимание, пишување, цртање, користење ножици.
Предучилишната возраст до 7 години е клучна за развој на сензорната интеграција. Нарушувањето во сензорната интеграција може да биде присутно и кога не постои видливо мозочно оштетување. Главно го забавува детето во реализацијата на неговите активности. Доаѓа до проблем во однесувањето поради тоа што мозокот не е во состојба правилно да ја организира и да ја обработи сензорната информација.
Тешкотии се јавуваат кај:
- кај деца со оштетена моторика, церебрална парализа, аутизам или АДХД,
- кај деца со оштетен вид, слух, јазик и говор,
- кај деца со интелектуални тешкотии.
Симптоми за нарушување на сензорна интеграција се чести и необични промени во расположението, некоординирани движења, недостиг на чувство на опасност, често повредување на телото, неосетливост на звуци, недостиг на самоконтрола и имплусивност, доцнење на говорот, емоционални и социјални тешкотии, повлекување во себе.
Третманот е преку процес на игра со стимулација на тактилен, вестибуларен, проприоцептивен систем со цел самостојно функционирање во секојдневните активности.
Автор: Теодора Томовска-Ристовска, спец. едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација
912