Кога се обидувате да забремените и да го проширите семејството, сакате да направите сè што е во ваша моќ за да создадете позитивно опкружување. Од следење на менструалните циклуси до водење сметка за исхраната, жените често внесуваат промени во својот живот додека се подготвуваат за здрава бременост.

Што е диета за плодност?

Диетата за плодност всушност треба да ги промени прехранбените навики за да го промовира оптималното здравје, а за возврат, да се зголеми плодноста. Диетата ја развиле 3 лекари од Харвардскиот медицински факултет и ја изложиле во својата книга наречена „Диета за плодност“. Лекарите ја развиле оваа диета од резултати од долгорочно испитување проследено на десетици илјади жени, за да следат што тие жени јаделе и колку често постигнувале бременост. Според „Харвард хелт паблишинг“, ова 8-годишно истражување на над 18 илјади жени било прво сеопфатно испитување на исхраната и плодноста. Резултатот се 10 предлози засновани на исхраната и вежбањето, кои изгледа се поврзани со способноста на жените да забременат, вклучувајќи дека треба да се јаде разновидно овошје, зеленчук и растителни протеини.

Која храна може да ви помогне да забремените?

Здрави масти – избегнувајте трансмасти, кои се наоѓаат во брзата храна. Овие вештачки масти не само што му штетат на вашето срце, туку и се поврзани со зголемена резистенција на инсулин и нарушување на овулацијата. Спротивно на тоа, изборот на мононезаситени масти, како оние што се наоѓаат во екстра девствено маслиново масло, јаткастите плодови и авокадото, може да ги зголемат шансите за зачнување. Исто така, треба да се одлучите за храна богата со омега-3 масни киселини. Ако сте љубител на лосос и скуша, можеби веќе ги подобрувате шансите за плодност бидејќи тие изобилуваат со омега-3 масти.

Имено, репродуктивниот систем ги користи масните киселини како енергија за поттикнување развој на јајце-клетките и раниот ембрион. Исто така, тие играат главна улога во имплантацијата на ембрионот и одржувањето на бременоста. Доследниот внес на омега-3 масни киселини е поврзан со поредовна овулација и ниски стапки на ендометриоза.

Храна богата со влакна

Внесот на влакна е корисен за жените што сакаат да забременат, бидејќи се намалува вишокот естроген во телото, помагајќи за намалување на доминацијата на естроген и намалување на нивото на прогестерон. Добрите извори на влакна вклучуваат кељ, зелена салата, брокула, зелка и интегрални житарици и ориз. Храната богата со влакна исто така доаѓа со дополнителни благодати – природна фолна киселина и други витамини. Фолната киселина е особено пресудна за жените што се бремени или се обидуваат да забременат. Статусот на фолна киселина кај жените е важен како за зголемување на шансите за зачеток така и за спречување вродени маани. Многу од овие растителни намирници исто така се богати со железо, за кое авторите сметаат дека може да ја промовира плодноста.

Протеини на билна база

За оние што се обидуваат да забременат се предлага внесот на животински протеини, како што е црвеното месо, да се замени со билни протеини, како грав, леќа, сирови јаткасти плодови и семиња. Оваа модификација може да го намали ризикот од овулациска неплодност. Имено, високиот степен на консумација на црвено месо кај жените што се подложени на ин витро е поврзан со намалување на уделот на јајце-клетки кои успешно растат во ембрионите достапни за имплантација. Главна грижа во врска со консумацијата на животински протеини и производи е тоа што многу од овие прехранбени производи содржат загадувачи од околината, хормони и фактори на раст кои може да ја променат репродуктивната функција.

Лекарите што стојат зад „Диета за плодност“ предлагаат порцијата месо да се замени со грав, грашок, соја, тофу или јаткасти плодови. Исто така, препорачуваат да се вклучи порција со полномасни млечни производи, како полномасно млеко, сладолед или јогурт.

Што е со вежбањето?

Покрај средувањето на прехранбените навики, диетата за плодност ги поттикнува нејзините следбеници да постигнат и да одржуваат здрава телесна тежина. Авторите предлагаат да се тежнее кон индекс на телесна маса помеѓу 20 и 24, што се смета за „нормална“ тежина. Прекумерната тежина или дебелината може да влијае и врз менструалниот циклус, отфрлањето или целосното сопирање на овулацијата, што е многу поголем предизвик за бременост.

Кои се предностите на диетата?

Ако обично не го јадете овој вид храна, голема е веројатноста дека ќе ослабите кога оброците ќе почнете да ги полните со здрава храна. Ќе имате поголеми шанси за забременување, бидејќи ќе бидете во соодветен опсег на тежина за вашиот тип на тело. Резервите на масти се поврзани со ризик од неправилна овулација и зголемено воспаление, што може да создаде негостољубиво опкружување за јајце-клетките, спермата и ембрионите. Диетата за плодност обезбедува да ги внесете клучните хранливи материи што му се потребни на вашето тело за зачнување и одржување здрава бременост. Експертите велат дека диетата би можела да биде особено корисна за жени кои страдаат од синдром на полицистични јајчници, бидејќи оваа медицинска состојба често е поврзана со прекумерна тежина и резистенција на инсулин.

Што е со недостатоците на диетата за плодност?

Иако се вели дека навистина нема недостаток во усвојувањето на овие принципи на здрава исхрана, постои опасност да се отиде предалеку. Таканаречената модерна диета може да предизвика исцрпување на хранливите состојки и хормонска нерамнотежа. Губењето премногу килограми од екстремна диета и/или вежбање може всушност да доведе до затворање на вашиот репродуктивен систем, во обид да ги сврти телесните ресурси кон опстанок, а не кон други функции како репродукцијата. Запомнете дека подобрувањето на вашата плодност со промените во исхраната и начинот на живот, значи да се биде што поздрав. Добриот балансиран режим на исхраната и вежбањето многу пати е проучуван и е докажано дека помага при плодноста бидејќи го промовира целокупното здравје – клучна состојка за успешен исход на бременоста.

Но, дали тоа значи дека магично веднаш ќе забремените? Се разбира дека не. Но, водењето сметка за здравата исхрана може многу да помогне, со тоа што поголемиот дел од плодноста се заснова на вашата генетика и е надвор од наша контрола. Многу луѓе што водат совршено здрав начин на живот страдаат од неплодност, а многу луѓе живеат сосема спротивно од тоа и совршено се плодни. Нешто што треба да се има на ум е дека факторите на животната средина може да ја влошат генска подложност. Замислете го тоа вака: Генетиката ја полни пушката, а факторите од околината (исхраната) го повлекуваат чкрапалото. Најдобро е да се одржува здрав начин на живот во целост за плодност и здрав живот воопшто.

Автор: Тамара Николичиќ

Извор



912

X