Додека родителите денес најчесто се запознаени со нарушувања во исхраната како анорексијата, лекарите предупредуваат на растечки, но помалку познат проблем што особено ги погодува момчињата – мускулната дисморфија, позната како „бигорексија“.
– Бигорексијата е психолошка состојба и вид телесно дисморфично нарушување кое вклучува искривена слика за себе, со специфичен фокус на големината на мускулите и физичкиот изглед – вели Кара Бекер, сертифициран терапевт.
Луѓето што страдаат од бигорексија се опседнати со идејата да станат помускулести и веруваат дека нивното тело не е доволно силно, дури и кога имаат градба на бодибилдер.
– Поединците можат да имаат погрешен поглед на своето тело, често верувајќи дека се помали или помалку мускулести. Ова уверување и последователната опседнатост можат да доведат до нездрави однесувања, вклучувајќи опсесивно вежбање и промени во исхраната со цел да се постигне што понизок процент на телесни масти – вели клиничкиот психолог Ејми Гудинг.
Проблем што често останува незабележан
Иако мускулната дисморфија може да погоди секого, таа е почеста кај мажите, а истражувањата покажуваат дека нарушувањето е во пораст. Истражување од 2019 година открило дека 22 отсто од момчињата адолесценти се впуштиле во нездрави навики во исхраната со цел постигнување мускулест изглед, да добијат на маса, при што суплементите, промените во исхраната, па дури и употребата на стероиди биле чести.

– Нарушувањата во исхраната кај момчињата често се недоволно препознаени и недоволно дијагностицирани – вели Џејсон Нагата, педијатар специјализиран за нарушувања во исхраната кај момчиња и мажи и коавтор на истражувањето.
Што го поттикнува порастот на бигорексијата?
Постојат многу биолошки, психолошки и социо-културни фактори што можат да придонесат за развој на ова нарушување. Семејната историја на ментални нарушувања, ниската самодоверба, перфекционизмот и опсесивно-компулсивните тенденции ја зголемуваат ранливоста.
Траумата и злоупотребата исто така се ризик-фактори.
– Бодибилдерите и лицата што креваат тегови се изложени на поголем ризик – вели Нагата, додавајќи дека спортистите кои се натпреваруваат и оние што тренираат за промена на изгледот се поранливи од оние фокусирани на перформансите.
Што можат да направат родителите?
Родителите можат да помогнат со ограничување на влијанието од социјалните мрежи и со отворени разговори за она што децата го гледаат. Важно е да се нагласуваат вредности што не се поврзани со изгледот, како добрината, креативноста и хуморот, и да се создаде безбеден простор за разговор.
Експертите советуваат родителите да бидат позитивен пример во однос на сопственото тело, храната и вежбањето, да ја нагласуваат разновидноста на телата и рамнотежата меѓу физичката активност, одморот и исхраната.
Кога да се побара помош?
Доколку детето стане прекумерно опседнато со тежината, исхраната, вежбањето или изгледот до степен што му го нарушува секојдневното функционирање, потребна е навремена реакција. Раната интервенција е клучна.