За да може детето да ја зборува вистината, тоа треба да има доверба во родителот, а родителот треба да даде личен пример

Сите луѓе лажат. Лагата не е непозната „алатка“ и за децата. Додека се мали лажат зашто може да измешаат реалност и фантазија, кога ќе потпораснат за да се заштитат, од страв, зашто мислат дека тоа е нормално… Психологот Лидија Зорба објаснува кога децата почнуваат да лажат, како да се реагира и кога лажењето треба да ги загрижи родителите.
-Од психолошки аспект, функцијата на лажењето е манипулативна и има за цел да се избегне вистината и последиците со соочувањето со реалноста. Во основа има два вида лаги – бели лаги (кои се кажуваат да не се повреди некој или да се заштити и тоа најчесто се не многу важни информации). Оние други лаги, кога луѓето лажат за да измамат, повредат или и нанесат некоја друга штета на излажаниот, се манипулативни и се должат на карактерот на личноста која што лаже. Постојат и луѓе кои лажат сосема непотребно и за неважни работи, многу често и без особена цел. Ваквите лаги немаат никаква смисла освен задоволување на патолошката потреба на лажливецот, иако интелигентен човек може лесно да ги забележи и да ги доживее како навреда на неговата интелигенција – вели Зорба.

Лидија Зорба

Лага или фантазија

Луѓето почнуваат да лажат многу рано. Децата почнуваат да лажат на околу пет-годишна возраст, иако родителите и воспитувачите може да забележат дека тир често ја мешаат фантазијата со реалноста и дека некои невистинити работи што ги кажуваат се дел од нивниот фантазматски живот и развоен процес. На пример: детето може да тврди дека слончето во зоолошката градина летало или дека зборувало со Дедо Мраз…
-На ваквите „лаги“ не треба да се обрнува особено внимание, но добро е низ разговор да му се каже на детето дека слончињата не летаат или да се праша што му рекол Дедо Мраз, каде го видел, каков бил… Ако детето зборува за настани кои изгледаат невистинити, но излегуваат од контекстот на детските теми и случувања (на пример може да кажува дека некој го допирал или зборувало со непознат човек или некој го удрил, повредил…) тогаш е добро детето смирено да се сослуша и да му се поставуваат прашања кои може да ги разбере – објаснува психологот.

Понекогаш, вели, можно е на децата да им се случуваат нешта кои родителите не ги очекуваат и тие може потенцијално да се опасни за детето. Во вакви ситуации, добро е да се поразговара со педагог или психолог, но тоа треба да се направи смирено и без да му се наштети на детето.

Зошто лажат повозрасните деца

Повозрасните деца лажат од сосема други причини. Тоа најчесто го прават за да избегнат казна за нешто што однапред знаат дека не требало до го направат, или, пак, за да добијат нешто. Ако на ваквите лажења не им се стави крај на почетокот, вообичаено продолжуваат и работите стануваат полоши.
-Некои родители не обрнуваат внимание кога детето лаже или пак се преправаат дека му веруваат. Но, тоа не е добро за детето – вели Зорба.
Од друга страна, некои родители толку многу инсистираат да знаат се за детето и тоа што му се случува на начин кој е груб, присилен или нападен и на тој начин создаваат страв и отпор.
-Тоа може да придонесе детето да почне уште повеќе да лаже или пак да се повлече во себе и да молчи. За детето биде искрено со родителите, тие треба исто така да бидат искрени кон него и меѓу себе. Детето кое е лажено од страна на родителите или гледа како тие се лажат меѓу себе, најчесто и самото ќе почне да лаже – објаснува.

Важно е да се знае, вели Зорба, дека ако родителите го лажат детето тие му покажуваат дека не го почитуваат. Ако прифаќаат да ги лаже – прифаќаат однос без почит.
– Ваквите односи долгорочно гледано, лошо се одразуваат врз емоционалниот развој на децата – потенцира.

Кога ќе го фатите…

Што да се направи кога родителот ќе го фати детето дека лаже? Драмата и викањето не се многу продуктивни.
-Важно е да му се даде до знаење на детето дека родителот не прифаќа лажење и дека тоа не добро. На детето треба да му се даде простор да ја каже вистината и ако биде казнето за лажењето, казната да биде соодветна. Ако казната е престрога и несоодветна за лагата (на пример лажело дека ќе напише домашно, не напишало, а го казниле со забрана за излегување цел месец ), тогаш детето ќе се повлече, ќе стане бунтовно или уште повеќе ќе лаже – советува психологот.
Кога родителот се сомнева дека детето лаже, треба да земе предвид дека тоа може да лаже и поради срам, страв или за да заштити некого. Но, во секој случај, смирениот разговор и простор за искжување и создавање доверба се основниот начин за воспитување на децата да ја зборуваат вистината.

Учат од пример

За да може детето да ја зборува вистината, тоа треба да има доверба во родителот (да се чувствува безбедно), а родителот треба да даде личен пример и да не го лаже детето, уште повеќе, ако згрешил или излажал да признае и да се извини.
-На тој начин родителот ќе му покаже на детето дека ја прифаќа одговорноста и дека тоа го очекува и од него. Ако детето лаже, добро е да се отркие причината за тоа (страв, срам, избегнување казна, друг вид одговорност, добивање некоја корист или е работи за некој друг проблем кој треба да се реши). Ако детето ја кажува вистината и е искрено со родителите тие треба да го пофалуваат и да го наградуваат за тоа. Ако детето е премногу искрено и на други луѓе им раскажува интимни детали од својот или семејниот живот, кои би можеле да бидат предмет на злоупотреба, треба да му се објасни што е добро да кажува, а што не е добро да кажува и зошто е тоа така – вели Зорба.
Во семејства каде постои чесен и респектабилен однос меѓу родителите и другите членови на семејството, децата го следат примерот.
-Има случаи каде тоа не е така и тогаш родителите може да бидат многу изненадени што нивното дете лаже. Во такви случаи работите никако не смее да се препуштат на времето. Родителите треба веднаш да реагираат ако нивното дете лаже и ако им е потребна помош во тоа да не се срамат да ја побараат кај стручни лица – додава нашата соговорничка.



912

X