Воспитување

Што да правите со „баш ми е гајле, немам време за тоа“ тип на тинејџери

Дали во семејството имате еден „Баш ми е гајле“? Дали вашето дете на сè одговара со „баш ми е гајле“ и „што ми е мене гајле“?

Родителите често се лажат дека ако пронајдат нов, поинтересен начин да го охрабрат детето, тоа ќе може преку ноќ да се промени и магично да стане отворено за соработка. Експертите тврдат дека не е така и дека децата всушност се мотивирани да се спротивставуваат. Сите се мотивирани од нешто, на некој начин невозможно е да се биде немотивиран. Нашите тинејџери се мотивирани да не прават ништо и да се спротивставуваат на сите можни барања.

Размислете добро. Да не се прави нешто е некоја акција. Одбивање на родителите, одбивање на домашните задачи, наставници и професори. Мотивирани се само да кажат: „Баш ми е гајле, не ме интересира“. Кога ќе сфатите дека вашето дете, вашиот тинејџер е мотивиран да не прави ништо, ќе ја видите количината на енергија што ја троши за да не прави ништо. Отпорот бара труд. Децата што не прават ништо и не можат да се потрудат да постигнат нешто, секогаш ќе речат: „Претешко е“, „Не можам“. Ќе повторуваат: „Баш ми е гајле“.

„Баш ми е гајле“ е нивниот штит и магично стапче. Таа реченица го отстранува притисокот и прави да се чувствуваат како да имаат контрола над себе. Кога ќе станат нервозни, таа реченица им служи како антистрес-терапија. Страв од неуспех? – Баш ми е гајле. Тешко е? – Баш ми е гајле. На тој начин ги решаваат дневните животни предизвици.

Како да се постават родителите пред „баш ми е гајле“ предизвикот: Тешко е, но не е невозможно, треба да се биде истраен. Следуваат 9 чекори кои можете да ги преземете кога вашето дете на обврска ќе одговори со: „Баш ми е гајле“:

Награда и мотивација

Откријте кои работи можете да ги користите како награда. Добро погледнете што сака вашиот тинејџер, во што ужива. Не губете време на испитување, бидејќи сите знаеме дека тоа ќе заврши со „ништо не ми е важно“. Гледајте што прави, што гледа на ТВ, кои игри ги сака. Кои филмови сака да ги гледа? Запишете сè. Експертите често ги охрабруваат родителите да разговараат со децата и заедно да направат список, но ситуацијата со децата што се спротивставуваат е различна. Повторно, не заборавајте дека децата единствено со давање отпор чувствуваат дека ги држат работите под контрола. Со листата на работи кои ги сака можете да понудите награда за одредена обврска. Мораме да нагласиме и да ве замолиме да го набљудувате своето дете. Има голема разлика помеѓу дете што дава отпор и дете кое е депресивно. Депресивните деца се изолираат.

Уредите „летаат“ од соба

Експертите тврдат дека децата што им пристапуваат на обврските со отпор, односно имаат тенденција да не ги извршуваат, не би требало да имаат електронски уреди во собата. Набљудувајте го тоа на следниот начин – ним собата им служи како место за бегство. Ако вашето дете се затвора в соба, компјутерот би требало да биде во некоја од заедничките простории. Исто така, треба да го користи под надзор. Видеоигрите треба да се исфрлат од употреба, мобилниот телефон исто, ако детето не покаже знаци за напредок и покрај најавите дека уредите ќе му бидат одземени.

Привилегиите се заслужуваат

Децата што избегнуваат обврски би требало да се сметаат за одговорни за своите дела или недела. Погрижете се да знаат дека во вашето семејство треба сè да се заслужи. На немотивираните деца би требало да им се предизвика непријатност, во смисла да се сретнат со тоа дека не сакате да им излезете пресрет бидејќи не го завршиле договореното. Треба да ги заслужат видеоигрите. А како? Така што треба да напишат домашна и да ги завршат обврските што ги имаат во домаќинството. Така функционира животот. Ако не работиш, не добиваш плата, а потоа не можеш да си го дозволиш она што го сакаш.

Зборувајте за нивните желби

Кога е сè во ред, би требало да ја искористите можноста за разговор. Прашајте ги децата што сакаат, каде се гледаат себеси како возрасни луѓе. Преку разговорот провлечете идеи како може да ги остварат своите планови. Може да прашате: „Какви автомобили ти се допаѓаат, џип можеби?“ Наведете го детето да разговара со вас за работите што го интересираат: „Види, многу се грижам за тебе и навистина би сакал да ти се оствари желбата да го купиш автомобилот што го сакаш. Додека не пораснеш и не се осамостоиш, мора да ја завршуваш домашната задача и напорно да учиш“.

Или можете да искористите и нешто попримамливо, на пример: „Замисли еден ден ќе имаш свој стан. Дали си замислувал како ќе го уредиш, како ќе изгледа?“ Со такви реченици ќе успеете да го мотивирате детето. Децата сакаат да бидат самостојни, да имаат свој стан, да живеат со момче или девојка, сакаат автомобил и слобода.

Разговарајте за тоа како се доаѓа до материјалните работи, но погрижете се разговорот да не добие изглед на предавање и држење лекции. Зборувајте за исполнети цели, како до нив да се стигне, колкава одговорност е потребна, како изгледа да се биде возрасен.

Без расправии и викање

Ако го изгубите трпението и викнете, само покажувате фрустрација и му давате на детето до знаење дека сте ја изгубиле контролата. Вистината е следна: кога луѓето почнуваат да викаат, значи дека останале без решение. Со децата што се спротивставуваат морате да бидете студени. Расправиите, молбите, наговарањата конечно да разговараат со вас за своите чувства не прават разлика бидејќи повлекувањето и отпорот се нивното решение за избегнување на сè. Добро е да прашате „Дали е сè во ред?“ Но, бидете свесни за отпорот на кој можете да наидете.

Дајте му на детето јасно до знаење дека се грижите за она што го прави

Јасно посочете му на детето дека неговите животни чекори и постапки ви се многу важни: „Ми значиш, се грижам за тебе, сакам да успееш во животот, не сакам на ништо да те присилувам. Сакам да знаеш дека се грижам за твоите постапки постапки. Те сакам“. Секогаш имајте на ум дека постапките на детето не се насочени кон вас. Однесувањето на тинејџерите е само стратегија со која се борат за да го надминат животниот стрес. Вашето дете, на крајот на краиштата, е своја личност. Доколку не сака да ги исполнува обврските, тоа не е до вас. Она што вие треба да го направите е да бидете тука како поддршка и со љубов да се обидете да ја подобрите можноста за завршување на обврските.

Не завршувајте ги обврските наместо детето

Децата многу рано учат дека е доволно да ги кренат рацете и некој веднаш да „скокне“ за да го преземе кормилото. Психолозите тоа го нарекуваат научена беспомошност. Доколку долго се потпираат на тоа, во еден момент тоа ќе стане научен образец на однесување и ќе почнат да веруваат дека навистина се беспомошни. Потоа се блокира процесот на самостојност. Важно е родителите да го препознаат во себе обидот да ја поттикнат самостојноста на детето. Немојте да ја пишувате неговата домашна задача, не чистете ја неговата соба, оставете го детето само да го направи тоа.

Бидете тренер за животот

Реално гледано, спортските тренери обично го извлекуваат максимумот од детето. Нивна работа е да им помогнат на децата да ги унапредат вештините на играта. Добриот тренер постојано ги развива играчите така што ги става во предизвикувачки ситуации, а притоа ги извлекува сите нивни квалитети, додека не го победат предизвикот. Добриот тренер навива за своите играчи. Од добрите тренери се учи. Добрите тренери не користат незаслужена пофалба како мотивација. Како добар тренер, потрудете се да ја држите главата на детето горе. Коментирајте го неговиот напредок и секоја мала победа.

Рокови и структура

Јасно посочете му на детето до кога треба да ги заврши домашната и обврските дома. Важно е да се има распоред за ваквите работи бидејќи тоа дава структура. Кажете му на детето: „Напиши ја домашната и заврши ги домашните обврски до 16 часот, потоа си слободен до вечера. Слободното време можеш да го искористиш како што сакаш“. Или можете да кажете: „Ако завршиш за Х часови, ќе одиме кај роднините в сабота“. Наградите за труд не мора да бидат парични, бидете креативни.

Заклучок

Одбивањето и давањето отпор кај тинејџерот постигнува чувство на контрола бидејќи не мора да се грижат за неуспех. Бидејќи не правејќи ништо, нема во што да не се успее или погреши. Не мора со никого да се натпреварува, а и очекувањата од другите се сведува на нула. Отпорот постои токму поради очекувањата на другите. Оној момент кога ќе успееш во нешто, луѓето очекуваат уште повеќе. Практиката покажала дека кога околината очекува многу од децата, тие се распаѓаат. Не постои виновник, само одговорна личност. Родителската задача е да се биде најдобар можен тренер на детето за кај него да се разбуди страв, апатија и нервоза. Да се воспита одговорна личност која ќе знае да се носи со животот е голема задача. Среќно!

Извор

Поврзани написи

To top