Интернет-комуникацијата и социјалните медиуми го подгреваат огнот на менталитетот на „злобната девојка“.
Има многу литература за тоа што да правите ако вашето дете е малтретирано од таканаречена „злобна девојка“. Но, што да направите ако дознаете дека вашето дете е „злобната“ девојка?
Можеби училишниот психолог пријавил дека вашата ќерка ги задева другите или некој родител ви рекол дека неговото дете има проблем со вашето. Можеби сте наишле на „шеговити“, исмејувачки пораки додека го прелистувавте нејзиниот телефон. Каков и да е изворот, веста на почетокот ќе биде тешко сварлива.
– Сите ние, ако ни кажат дека нашето дете направило нешто лошо, веднаш мислиме дека тоа е невозможно – вели Алексис Блајх, социјален работник и терапевт од Њујорк, кој работи со тинејџери.
Ако откриете дека вашето дете не се однесува добро со своите врсници, треба да дојдете до коренот на проблемот, односно причината зошто се однесува така. Големи се шансите причината да лежи во чувствата на вашето дете повеќе отколку во конкретен конфликт со малтретираното дете. На пример, озборувањето обично не се прави со злонамерна намера. Наместо тоа, страните-учеснички, обично несвесно го прават тоа за да се поврзат едни со други.
-Луѓето озборуваат бидејќи споделувајќи информации, создаваат блискост – вели Блајх.
Прашајте го вашето дете: „Дали постои друг начин да се чувствуваш блиска со твојата пријателка без да зборувате за таа личност?“
Наведете примери за конфликти што сте ги имале на работа или со вашите групи пријатели и како сте ги решиле. Посочете ги конфликтите видени на телевизија и разговарајте со вашето дете за тоа како би постапиле во таа ситуација.
-Децата секогаш слушаат. Дури и да превртат со очите, сè разбираат – вели Блајх.
Погледнете ја поголемата слика
Ова недолично однесување кај девојчињата обично оживува во средно училиште, кога емоциите растат.
Дел од причината зошто девојките добиваат лоша репутација, објаснува Блајх, е тоа што девојките имаат тенденција да се вложуваат поемотивно во нивните пријателства. Обично повеќе се грижат за динамиката на пријателството.
Кортни Конли, терапевт од Мериленд, специјализирана за помагање на младите, вели дека е важно да се запамети оти лошото однесување на девојчињата е форма на комуникација.
-Постои причина зошто децата се однесуваат на тој начин, без разлика дали тоа е да се здобијат со популарност или се обидуваат да се вклопат во одредена толпа која исто така го има тој менталитет за „злобна девојка“ – вели таа.

Многупати тоа е игра на моќ каде што детето се обидува да се постави во она што го смета за подобра социјална ситуација.
Таа ги советува родителите да не реагираат претерано и да не го срамат своето дете доколку го означат како „лоша девојка“. Наместо тоа, имајте едноставен разговор со вашето дете за да дознаете што се случува и да му помогнете да ја види ситуацијата од другата страна.
Интернет-комуникацијата и социјалните медиуми го разгоруваат огнот на менталитетот на „злобната девојка“, вели Конли. Повеќе мониторинг може да помогне во тој дел, дозволувајќи им на родителите да знаат каква содржина консумираат нивните деца и какво однесување се прикажува во она што го гледаат.
-Погледнете ги текстуалните пораки и онлајн комуникацијата на вашето дете. Тоа е добар начин да откриете дали вашето дете лошо се однесува – заклучува Конли.