Дали имате чувство како вашите деца да ве игнорираат кога разговарате со нив? Дали веќе неколку пати сте се обиделе да го најдете одговорот на прашањето што да правите кога имате непослушно дете, но сепак не можете да ја поправите ситуацијата?

За да ги научите децата да слушаат, треба да им помогнете да стекнат навика да обрнуваат внимание на она што го кажувате. Дел од создавањето на оваа навика е да внимавате на начинот на кој разговарате со нив. Ако сте склони да им ја задавате истата задача постојано и одново, а потоа се откажете и го направите тоа сами или почнете да им викате, можеби ненамерно ги учите вашите деца дека можат да ве игнорираат додека не се откажете, или не почнете да викате.

Викањето не им се допаѓа на децата и придонесува за нефункционален начин на комуникација. Истражување покажало дека викањето може да ги има истите штетни ефекти врз децата како и физичкото казнување. Децата чии родители се вербално агресивни покажуваат и пониска самодоверба, поголема агресивност и зголемени стапки на депресија.

Зошто децата се непослушни?

Веројатно многу родители барем еднаш во животот си го поставиле ова прашање. Многумина се обиделе да ги преиспитаат сопствените постапки во воспитувањето. Некои сфатиле што прават погрешно, а некои веројатно почувствувале дека се свртени кон ѕид кој не знаат да го прескокнат.

Дефинитивно треба да бидете свесни дека сите родители се справуваат со одредени тешкотии во воспитувањето. Ако имаат послушни деца, може да имаат некој друг проблем што не можат да го решат. Понекогаш во развојните фази децата ги тестираат вашите граници истражувајќи што може да се случи кога тие се однесуваат на различни начини.

Имајте предвид дека може да има одредено нарушување во однесувањето, но тоа не треба да биде првата мисла кога ќе се соочите со непослушно дете. Ако проблемот се зголеми и ситуацијата станува потешка, обидете се да побарате совет од психолог или психијатар за да ги исклучите можните нарушувања во однесувањето.

Но, не заборавајте дека сите ние сме биле деца и нашите родители веројатно можат со часови да раскажуваат за случките и несреќите на нашата „послушност“. Децата откриваат и истражуваат, а понекогаш им е тешко да разберат што им е дозволено, а што не смеат да прават.

Запомнете – вие сте родител, вие ги поставувате правилата и ги поставувате границите, но треба да знаете како да го направите тоа на вистински начин!

Како да дисциплинирате дете?

Следниве неколку чекори можат да бидат ваш водич за да ги научите децата да слушаат што кажувате, без дополнителни повторувања и непотребни викања.

Погрижете се децата навистина да ве слушнат кога барате од нив да направат нешто

Викањето низ цела куќа или преку скалите не се брои. За малите деца, важно е да се спуштите до нивна висина, да воспоставите контакт со очите и потоа да побарате нешто. Пријателскиот допир на раката или некоја друга позитивна физичка врска, исто така, може да биде од помош. Со постарите деца, обидете се да остварите секаков вид контакт со очите и потврда дека ве слушнале.

Сфатете дека можеби не ве игнорираат намерно

На помалите деца (особено оние помлади од 14 години) лесно им се одвлекува вниманието и често не забележуваат што се случува околу нив. Истражувањата покажале дека децата кои учествуваат во одредени активности (на пр., играње, читање), често не регистрираат други стимули од нивната околина. Затоа, проверете го овој сегмент пред следниот чекор.

Сфатете дека можеби намерно ве игнорираат

Некои деца ќе ги тестираат границите на нивните родители за да видат што ќе се случи ако ги игнорираат. Ова е важна информација за нив и многу нормален дел од развојот. Размислете дали можеби случајно сте ги повредиле претходно или сте направиле нешто против нивна волја поради што намерно ве игнорираат.

Откако ќе се уверите дека ве слушнале, поставете им го прашањето и почекајте да видите што ќе се случи

Ако не ве слушнат веднаш, обидете се да ги прашате уште еднаш, а потоа кажете им зошто им поставувате одредено прашање или дајте им причина зошто треба да ве слушаат. Ова може да им помогне на децата да го разберат вашето гледиште и да им ја покажете важноста на она што им го кажувате. Притоа, помогнете им да ги разберат правилата или можните последици што ќе настанат доколку барањето не се исполни.

Ако не ве послушаат, нека ги трпат последиците

Природни последици се оние што следуваат веднаш по барањето, без да мора родителите да направат нешто (на пр., природната последица за детето кое не сака да ве слуша и облекува чизми наместо влечки пред да излезе на дождлива улица може да бидат влажни стапала и непријатно чувство на студ).

Кога природните последици не се опција, предупредете ги за можните последици на кои можете да влијаете

На пример: „Мораме да го напуштиме паркот за пет минути. Ако не дојдеш со мене кога ќе ти кажам дека е време да си заминеш, нема да се вратиме во парк утре по училиште бидејќи твоето однесување го отежнува заминувањето навреме“.

Децата однапред ќе знаат какви ќе бидат последиците од прекршувањето на правилата или игнорирањето на барањата, а потоа ќе одлучат како ќе се однесуваат, односно дали ќе го почитуваат правилото или ќе го прекршат и ќе ги трпат последиците.

Дајте им шанса на децата да одговорат

Ако не го направат тоа што сте го побарале, а тоа било разумно барање, следниот чекор е да се надоврзете на последиците за кои сте ги предупредиле. Ова е последниот чекор и е многу важен бидејќи ќе им даде до знаење на вашите деца дека навистина го мислите она што го кажувате.

Најважната и клучна работа овде е доследноста, која многу родители ја немаат, а попуштањето пред децата само им дава до знаење дека тие учат како да манипулираат со вашите реакции и секогаш го добиваат она што го сакаат.

Извор



912

X