Кавгите и препирањата на децата се една од оние универзални работи што го вознемируваат секој родител, односно предизвикуваат доста непријатни емоции кај родителите, а често и силни и интензивни реакции. Затоа, важно е да ги освестите своите чувства и мисли поврзани за детските препирања.
Што вие чувствувате кога децата се караат?
Дали сте фрустрирани, изнервирани или беспомошни, збунети и преоптоварени секојпат кога вашите деца се препираат, расправаат, задеваат? Или чувствувате страв, вина и грижа? Можеби се чувствувате несоодветно, се прашувате каде грешите и кога сето ова ќе престане? Дали мислите: Зошто не можат да се согласуваат? Не би требало да се караат. Само сакам да се согласуваат. Вашите мисли и чувства влијаат врз вашите реакции, вашето однесување, пристапот кон нивните конфликти. Доколку верувате дека децата мора да престанат со кавгите, ќе бидете толку фокусирани нивната кавга да престане и ќе се обидете со сите оние методи што ни досега не дале резултат: ќе почнете да се заканувате, да казнувате, да молите, убаво да објаснувате. И можеби краткорочно ќе ја решите моменталната ситуација, но децата остануваат со своите потреби и чувства, кои не знаат да ги комуницираат на здрав начин. Затоа ги потиснуваат или насочуваат негативно кон себе или повторно кон својот брат или сестра. И така повторно се наоѓате во истиот круг на нивни кавги и ваши закани, молби и објаснувања.
Меѓутоа, кога ќе го промените својот поглед на конфликтите на децата, кога ќе го промените својот начин на размислување и уверување за конфликтите, ќе се чувствувате различно и ќе можете на нови начини да им пристапите.
Некои нови погледи на конфликтите може да бидат:
-Конфликтот е нормален дел од секој однос.
-Нормално е децата да се расправаат бидејќи сѐ уште не ги совладале вештините за комуникација и решавање проблеми.
-Учењето бара време.
-Конфликтите се можност за учење.
-Наша задача е да ги учиме децата, а не само да им кажеме како не треба да се однесуваат.
Затоа, следниот пат наместо да мислите дека кавгата не треба да се случи, сетете се дека е нормална и дека вие сте тука да ги учите и да ги развивате вештините за комуникација и решавање проблеми на децата. Вдишете длабоко. Кажете си: „Јас можам да се справам со овој предизвик“. Насочете го вниманието од она како сакате децата да се однесуваат на она како сакате вие да се однесувате, како сакате вие да комуницирате, како сакате вие да моделирате смиреност, асертивна комуникација и решавање проблеми. Дозволете си да ги чувствувате своите емоции, да почувствувате фрустрација во своето тело. Вдишете уште неколку пати. И дури тогаш пријдете им на децата. Кажете што гледате. „Слушам доста грди и груби зборови.“

„Кој може да ми каже што се случува овде“?
Дозволете им на децата едно по едно да ви кажат сѐ што имаат, сослушајте без осудување и процена кој е во право. Ваша задача не е да бидете судија. Помогнете им на децата да ги изразат своите чувства, ставови, барања: „Ти го искина цртежот, тоа многу те разлути. Сакаш да ми покажеш колку те разлути и повреди.“ Доколку децата се агресивни и се удираат, ваша задача е да ги разделите и да ги валидизирате нивните чувства. „Во ред е што сте лути, но нема да ви дозволам да се удирате.“ Кога и двете деца имаат можност да ги изразат своите чувства и искуство, кога ќе почувствуваат дека некој ги слушнал и разбрал, ќе се смират и ќе можат да прејдат на следниот чекор. А тоа е решавање на проблемот:
„Кој е вашиот план да го решите ова? Што ќе направите?“
На овој начин децата во безбедна околина учат важни животни лекции. А кога на нивните конфликти гледате како на можност за учење наместо како на непријатна околност, вие ќе бидете посмирени и со поголема самодоверба за да им помогнете да ги решат.
Автор: Винка Радојковиќ