Не е невообичаено детето да се плаши од докторот, да вреска и да плаче штом ќе влезе во ординацијата. Но, добрата вест е дека можете да направите нешто за да спречите вашето дете да доживее страв и, уште подобро, можете да го избегнете овој страв.

Првото нешто што не треба да го направите е да го плашите вашето дете со лекарите: – Ако не си послушен, ќе дојде тетката во бел мантил да ти стави инјекција. Но, секако и без тоа може да се случи малото да се плаши од докторот, а докторката по психологија и мајка на пет деца Лариса Суркова дава совети како детето да оди на доктор.

Не плашете го детето

Во ниту еден контекст не треба да го плашите вашето дете со лекари. Затоа, заборавете на познатите реченици: „Ако не појадуваш, ќе те боли стомакот и ќе треба да одиш во болница“, „Ако не ги измиеш рацете, ќе мора да примаш инјекции“ и слично. Сето тоа останува во главите на децата и од тоа се развива страв, па детето може да почне да вреска штом здогледа човек во бел мантил.

Не зборувајте лошо за лекарите

Не е важно колку години има вашето дете, тоа разбира и памти многу повеќе отколку што мислите. Не кажувајте пред детето дека, на пример, се плашите од стоматологот бидејќи вашите емоции се пренесуваат на него.

Не кријте ништо

Подобро е однапред да му кажете на малото што може да очекува на лекар, но и треба да се фокусирате на позитивните работи. На пример: – Кога докторот ќе ти даде инекција, ќе ти стави шарен фластер, а потоа имам изненадување за тебе.

Не лажете го детето

Ако вашето дете ве праша дали ќе го боли, одговорете искрено дури и ако одговорот е непријатен. Многу родители велат „воопшто нема да те боли“, но детето нема да ви поверува следниот пат ако го убедите дека нема да го боли.

Одете на лекар порано

Имајте на ум дека малите деца се љубопитни и им треба малку време да разгледаат наоколу и да се навикнат на нивната околина. Значи, одете 10-15 минути порано и дајте му време.

Не карајте го детето

Не обвинувајте го и не срамете го детето ако е исплашено. Неговиот страв е реален, не го прави тоа за да ве изнервира. Дајте му поддршка и охрабрување.

Играјте си доктори

Купете еден од детските лекарски комплети и играјте си дома. Менувајте ги улогите одвреме-навреме, така што некогаш вие ќе бидете доктор, а некогаш тоа.

Извор



912

X