Нормално е детето, особено малечкото, да е приврзано за мајка си. Меѓутоа, ако имате мало дете кое е екстремно приврзано за вас, толку многу што плаче штом ќе одите, да речеме, во тоалет, тоа може да биде голем предизвик.

Да, на некој начин им е убаво на мајките што нивното дете е толку приврзано за нив, но исто така е предизвик бидејќи тоа значи дека мора да бидат со малечкото 24 часа на ден.

Клиничкиот психолог Џејми Блох, која е и мајка на девојче, истакнува дека зголемената приврзаност е честа фаза во развојот на децата и дека може да се појави од различни причини:

Потреба за поврзување: Детето може да биде поприврзано за вас кога поминува низ нови искуства или промени.
Развојна пресвртница: Како што растат децата, тие често ги тестираат границите и бараат поддршка. Приврзаноста кон вас може да биде нивен начин да се справат со новите предизвици.
Емоционална чувствителност: Некои деца се природно почувствителни и можеби ќе им треба поголема емоционална поддршка, пишува психологот Блох на својот инстаграм-профил.

Таа, исто така, објаснува како можете да му помогнете на детето кое е многу приврзано за вас да се чувствува посигурно и нежно да го поттикнете да биде понезависно:

Почитувајте ги неговите чувства

Кога ќе ги признаете чувствата на детето, тоа му помага да се чувствува слушнато и разбрано. Со признавањето на неговите чувства, му давате чувство на сигурност и прифаќање, што е клучно за неговиот емоционален развој.

Пристапете со смирувачка рутина

Создавањето смирувачка рутина може да му даде на детето чувство на предвидливост и сигурност. Може да биде некоја посебна рутина кога ќе се збогувате или некој предмет што детето ќе го носи со себе кога ќе се одвои од вас. Доследноста ќе му помогне да чувствува дека има контрола.

Постепено поттикнувајте ја независноста

Постепеното изложување на нови искуства помага да се изгради самодоверба. Започнете со кратка разделба и постепено зголемувајте го времето што го поминувате разделени. Уверете го детето дека ќе се вратите.

Негувајте ја самодовербата на детето

Изградете ја самодовербата на вашето малечко славејќи ги неговите достигнувања и охрабрувајќи го да работи напорно. Позитивното охрабрување им помага на децата да се чувствуваат способни, да имаат поголема самодоверба, но и им дава волја подобро да се справат со идните предизвици, заклучува Блох.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X