Децата не ве прекинуваат за да бидат груби и непристојни. Попречувањето тука не значи непослушност, непочитување, асоцијално однесување. Запомнете дека малите деца се егоцентрични. Тие не се родени со социјални вештини или со знаење како да читаат знаци. Можеби навистина се плашат да не заборават нешто важно што сакале да го кажат. Додека честите прекини може да бидат фрустрирачки за возрасните, децата заслужуваат емпатија, а не гнев. Наместо да се лутите, кажете му на детето „те гледам“. Еве што друго можете да направите:
Подгответе ги
Кога можете однапред да предвидите дека ќе бидете во ситуација да се фокусирате на други луѓе, како што е семеен собир, посета на педијатар, важен состанок за „Зум“ и сл., разговарајте со вашето дете и заедно планирајте што ќе прави тоа додека вашето внимание е насочено кон другите. „Кога однапред разговараме со децата, однапред создаваме поврзаност, разбирање и решавање проблеми“ – вели клиничкиот психолог Беки Кенеди. Размислете да поставите тајмер за да му покажете на вашето дете колку долго ќе трае вашиот повик. Поставете му независна активност која треба да му го задржи вниманието за време на повикот. Ако е можно, правете паузи за време на повикот за да го пофалите што не ве прекинува.
Поврзете се во моментот
Побарајте од вашето дете да ја стави раката на вашиот зглоб кога ќе почувствува дека му треба вашето внимание, а вие сте зафатени. Со ставање на раката на неговата, му давате до знаење дека е забележано и сакано.

Заиграјте го
За да можете да го завршите тоа што го правите, дополнително играјте си со детето велејќи му, на пример: „Гледам што правиш. Дали ова игралиште ќе стане зоолошка градина полна со диви животни? Ќе се претвориш во вистински орангутан?“
„Играњето ја намалува тензијата и ја потврдува вашата врска со вашето дете“, вели Кенеди.
Поставете граница
Кажете му на детето што конкретно очекувате од него и што ќе се случи понатаму. Според Кенеди, јасните и директни објаснувања му помагаат на детето да чувствува контрола, што му помага да дејствува под контрола. Можете да кажете, на пример: „Те гледам! Треба да зборувам уште неколку минути додека ти си на лулашката. Потоа, кога ќе завршам, ќе дојдам и силно ќе те прегрнам“.
Автор: Анамарија Милош