Брачниот однос на родителите во очите и умот на децата е од исклучителна важност. Тие го следат секој чекор и потег на родителите и често пати застануваат на нечија страна како заштитници, медијатори или модератори во односот на родителите. Ако го прашате детето дали би сакало да заземе нечија страна или да биде нечиј заштитник, тоа ќе ви каже не бидејќи и двајцата ги сака еднакво.

Она што би сакало секое дете да го види во меѓусебниот однос на родителите е:

  1. Почит и кога не се согласуваат

Тоа би значело дека е во ред да покажете спротивставени мислења пред детето, но да покажете дека секое мислење е вредно да се дискутира и образложи.

2. Да прашуваат еден за друг

Поголемата заинтересираност за партнерот (Што прави мајка ти? Каде е татко ти?) детето ја подразбира како давање важност и грижа за другиот.

3. Да покажат возбуда кога ќе се видат

Детето би сакало да види како ви е драго кога ќе се сретнете по работа или подолго отсуство од домот и покажувате возбуда поради тоа.

4. Да изразуваат благодарност еден кон друг

Благодарноста е човечка вредност која води до подобар и посигурен однос, но и поздрава комуникација (Благодарам што ми спреми ужина за на работа, навистина ми значи ова).

5. Да прават нешто или да имаат активности во кои уживаат и двајцата

Детето сака да види што ги спојува родителите, што е нивен заеднички интерес, во што заеднички уживаат и на тој начин ја детектира нивната поврзаност или пак отуѓеност.

6. Да бидат заинтересирани за чувствата на партерот, годишнините и тешките денови

Славете ги годишнините од бракот, но и уважувајте ги тешките и напорни денови. Детето би сакало да види како родителите си помагаат еден на друг. (Гледам дека се чувствуваш тажна и би сакал да одиме на прошетка до паркот за да ја вратиш својата ведра страна.)

Колку е помало детето, толку повеќе се чувствува инволвирано во бракот на родителите, како што расте, тоа треба да научи дека нема никаква одговорност, моќ и контрола врз меѓусебниот однос на родителите, што е главна цел на моите сесии. На тој начин детето се ослободува од непотребно и токсично чувство на вина, грижа на совест или страв доколку односот на родителите го гледа како неуспешен и се здобива со психолошкото право да ги сака еднакво двајцата родители.



912

X