Дали капацитетите за згрижување ќе бидат недоволни, ќе зависи и од тоа дали сè уште ќе важи мерката за неодење на работа на еден родител на дете до 10 години
Приоритет за посетување градинка од септември ќе имаат децата на кои двајцата родители им се вработени, како и децата на самохрани родители кои се во работен однос и за тоа ќе донесат потврда во установата. За тоа дали ќе се згрижуваат други деца, како и за запишување на нови, одлука ќе носат градинките, доколку во групите има помал број на деца од предвиденото во протоколот за заштита од Ковид-19, а и ако имаат просторните капацитети за тоа, велат од Министерството за труд и социјална политика – МТСП.
Периодов градинките организираат анкети за родителите кои треба да покажат колку деца ќе можат да посетуваат градинка, а да се почитуваат мерките за заштита. Во некои градинки во Скопје директорите чекаат Комисијата за заразни болести да се изјасни на 10 август. Дали капацитетите за згрижување ќе бидат недоволни, ќе зависи и од тоа дали сè уште ќе важи мерката за неодење на работа на еден родител на дете до 10 години. Во одредени општини сè уште не се анкетираат родителите и се чека одлуката за отпочнување со работа на градинките.
За од септември, градинките собираат потврди дека родителите мора да одат на работа
Согласно протоколот, воспитните групи за деца до 2-годишна возраст треба да имаат по максимум 6 деца. Групите од 3 до 10-годишна возраст да имаат по максимум 15 деца. Самиот факт дека градинките треба да работат со намален капацитет и помал број деца во воспитните групи, а со цел поголема заштита на здравјето на децата, предизвика да се одредува приоритет додека трае епидемијата на Ковид-19.
На прашањето како ќе се реши проблемот во општините каде што има многу поголеми групи на деца, од МТСП велат дека општините се основачи на градинките и треба да обезбедат просторни услови.
– Согласно Законот за заштита на деца, каде што се утврдени надлежностите на општините како основачи на јавните детски градинки, и согласно протоколот, општините и градинките треба да изнајдат начин за згрижување на децата – велат од МТСП.
Една од најголемите општини во Скопје – Аеродром, според бројот на жители и број на деца згрижени во градинките, исто така спроведе анкета меѓу родителите на децата што сакаат да посетуваат градинка од 1 септември. Според резултатите, повеќето родители се изјасниле дека се согласни нивните деца да бидат згрижени според дадените протоколи од Владата.
– Во моментот градинките можат да одговорат на барањата на родителите за прием на деца по новонастанатата состојба со Ковид-19. Доколку има потреба од повеќе простор, градинките се во можност да ги оспособат и салите од објектите. Инаку, изјаснувањето не е завршено и градинките се во постојан контакт со родителите. Управата на градинките секојдневно ја следи ситуацијата и е подготвена да им излезе во пресрет и на родителите и на децата, а истовремено да се приспособи кон воспоставените протоколи – велат од Општината.
912