Иако многу се пишува за мајчинската приврзаност и поврзаноста со бебето, помалку дискутирана реалност е дека некои мајки можеби ќе доживеат амбивалентност, одбивање, па дури и непријателство кон своето бебе. За да се разбере ова, потребно е да се навлезе во сложената интеракција на несвесните конфликти, незадоволените потреби и психолошките предизвици кои ги обликуваат чувствата на мајката кон нејзиното дете.
Односот мајка-бебе е испреплетен со амбивалентност од самиот почеток на раѓање на бебето. Бебето не само што симболизира нов живот и надеж, туку предизвикува и чувствa на загуба, фрустрација и анксиозност кај мајката. Комплетната зависност на бебето, пак, исто така може да предизвика несвесни конфликти како страв од задушување или губење на личниот идентитет, што може да предизвика одбивање како одбрана од овие преголеми емоции кои мајката во тоа време ги доживува.
Бебето може да стане резервоар за неразрешените конфликти, трауми или чувства на мајката кон нејзините сопствени родители. На пример, ако мајката доживеала занемарување, злоупотреба или одбивање од нејзината мајка, овие неразрешени проблеми може несвесно да се проектираат врз нејзиното бебе.
Затоа треба да се прави разлика меѓу „фантастичното бебе“ и „вистинското бебе“.
Мајката може да има идеализирани фантазии за тоа какво треба да биде бебето или како треба да ги исполни нејзините несвесни желби. Често бебињата се доживуваат како нешто што се гледа на филмовите, сликите итн. Но, кога реалноста не ги исполнува овие идеали – кога бебето плаче, бара внимание и ја нарушува мајчинската рутина – може да се појави огорченост или одбивање бидејќи вистинското бебе се доживува како фрустрирачко, а не како исполнување на желбите на мајката и на нејзините фантазии.
Исто така, некои мајки несвесно го доживуваат своето дете како ривал за внимание, наклонетост или идентитет. Ова често произлегува од нарцисистичките рани, каде што е загрозена посебноста на мајката од барањата на бебето. Тогаш бебето станува нарушител кој ја компромитира нарцисистичката рамнотежа на мајката и затоа предизвикува одбивање.

И, секако, постпородилната депресија и други ментални здравствени проблеми во периодот околу породувањето длабоко влијаат врз мајчинските чувства. Оваа депресија може да ги засили негативните емоции со кои се бори мајката, кои можат да доведат до искривување на перцепциите за бебето и да предизвикаат чувства на одвоеност, непријателство или амбивалентност. Овие чувства не се само симптоми на расположението, туку често се поврзани со подлабоки несвесни борби со идентитетот и способноста за негување.
Поради општествените очекувања кои го идеализираат мајчинскиот инстинкт, мајката која доживува одбивање или еден вид нељубов кон своето бебе често може да чувствува голема вина и срам, што дополнително ги потиснува и комплицира нејзините чувства. Овие емоции можат да ја направат мајчинската улога уште потешка, водејќи до осаменост и психичко оптоварување.
Отвореното признавање дека воспитувањето и растењето на детето е предизвик, и дека мајката не ги чувствува постојано позитивните емоции, овозможува ублажување на нејзиниот внатрешниот притисок и немир.
Разговарајте и споделете како се чувствувате со терапевт, пријател или со вашиот партнер. На тој начин ќе можете да ги изразите своите чувства без страв од осуда, можете да добиете поддршка и разбирање, и да видите дека не сте сами. Тоа ќе помогне да пораснете, да станете посилни и да имате поавтентична врска со своето дете.
Најхраброто нешто што мајката може да го направи е да признае дека не го сака безусловно своето бебе од првиот миг – и тоа е во ред! Љубовта никогаш не е совршена, ниту пак брза, таа расте преку разбирање, трпение и простување. Да се прифати сопствената, понекогаш доста тешка неидеална љубов, е првиот и најголем чекор кон вистинската поврзаност и растењето како мајка.
Автор: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com