Здравје

Што ако доцни никнувањето на првиот заб – совети од стоматолог

Првиот заб што се појавува кај бебињата е долниот централен секач и најчесто, кај повеќето деца, се појавува околу шестиот месец. По неколку месеци се појавуваат горните секачи, како и страничните долни и горни секачи (околу осмиот месец).

Забите кои потоа никнуваат се млечните катници, а се појавуваат во периодот од 10 до 14 месеци и не растат веднаш до секачите, туку оставаат простор за очниците кои се појавуваат на возраст од 14 до 20 месеци. Втори млечни катници се појавуваат во периодот од 24 до 30 месеци. Со тоа завршува периодот на никнување на млечните заби.
Времето на никнување на млечните заби е индивидуално (се разликува од дете до дете). Детето не треба да се споредува со другите деца на негова возраст и не треба да се грижите поради можни отстапувања.

Предвремено појавување на млечните заби се смета кога ќе никнат пред третиот месец, а кога ќе се појави првиот заб по првиот роденден, се смета дека тоа е одложено никнување на забите.

Доцнењето на млечните заби може да настане од повеќе причини. Оваа појава не треба да ги загрижува родителите бидејќи многу често се јавуваат отстапувања во вообичаениот редослед на никнување на забите. Може да се толерираат отстапувања од шест месеци во однос на вообичаениот редослед на никнување на забите. Но, доколку доцни никнувањето на забите на детето, а тоа има повеќе од една година и нема никакви заби, тогаш дефинитивно се препорачува посета на стоматолог.

Одложеното никнување на млечните заби е многу честа појава кај бебињата што се родени пред датумот на породување. Исто така, ако бебето напредува малку побавно, тоа често ќе биде проследено со задоцнето никнување на млечните заби. Нарушувањата во работата на ендокрините жлезди, исто така, често доведуваат до подоцнежно појавување на забите, но оваа состојба обично е придружена со многубројни други симптоми.

Ако доцни никнувањето на забите, треба да се обрне внимание и на изгледот и растот на коските, кожата, косата и ноктите. Ако растот на коските, кожата и косата е нормален, нема потреба да се грижите.

Но, доколку детето има една година и нема заби, се советува да се консултира стоматолог, кој ќе направи преглед и детални дијагностички процедури.

Автор: Наташа Пејчиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top