Си играв со Дамјан, а тој впивал, без да бидам свесна за тоа. Кога беше второ одделение, знаев дека е спремен да оди на натпревар со учениците од четврто. Го пуштивме експериментално, а тој се врати со прво место и на општинскиот и на регионалниот, раскажува неговата мајка Никица Давкова

Сѐ уште не знаел да зборува, на една и пол година, но знаел да ги разликува броевите 2 и 12. Течно читал кирилица и латиница на 2 години и 8 месеци. Во неговиот роден Штип го нарекуваат „чудото од дете“ и Штипскио Питагора.
Последниот успех е само уште една потврда за неговата надареност. Тој стана државен првак по математика по трет пат, но иако е 6. одделение, се натпреваруваше со ученици од 9. Дамјан Давков е и единствен со освоени максимални 100 поени.

Фото: Натпревари математика

Математика учел низ игра

Неговата мајка Никица Давкова е наставничка по математика во Основното училиште „Димитар Влахов“ во Штип, па оттаму доаѓа неговиот интерес за математиката. Таа вели дека го учела низ игра, но веднаш забележала дека логички размислува и дека ќе биде одличен математичар.
– Си играв со него, а тој впивал, без да бидам свесна за тоа. Кога беше второ одделение, знаев дека е спремен да оди на натпревар со учениците од четврто. Го пуштивме експериментално, а тој се врати со прво место и на општинскиот и на регионалниот. На Кенгур оди од прво одделение во својата категорија и тоа е многу лесно за него. Не се ни подготвува. Во трето се натпреваруваше во категоријата за шесто одделение на регионалниот натпревар и беше првак. Во четврто се натпреваруваше со седмоодделенци и првпат стана државен првак по математика. И сега во шесто е повторно државен првак – вели Давкова.

Оваа награда му овозможува учество на Јуниорската математичка олимпијада, за ученици до 15 години, вели неговата мајка. Ако тука се пласира меѓу првите шест деца, ќе може да оди на Балканската олимпијада, која годинава ќе се одржи во Кипар. Ако успее во ова, ќе биде нашиот најмлад учесник.

– Тој е многу скромен, не сака да се фали и да се зборува многу за неговите успеси. Јас многу се гордеам со него, чувството е прекрасно. Особено со овие 100 поени што ги освои меѓу сите деветтоодделенци. Добар е во сите области од математиката, но ќе видиме како ќе се одвива неговиот интерес во иднина. Сепак е мал, не сакам да го форсирам. Но, математиката му оди лесно, логички размислува. Едноставно неговиот мозок поинаку функционира од мојот или од нечиј друг. Често како мал го прашував како дошол до одреден заклучок и размислување и сфатив дека мозокот поинаку му ги прима и преработува информациите – раскажува мајката на Дамјан.

Дамјан Давков – математички гениј

Талентираните немаат системска поддршка

Да се биде родител на надарено и талентирано дете, не е лесно. Дамјан има среќа што има мајка која е наставник по математика и педагог, па знае како да му помогне.

– Навистина не им е лесно на талентираните ученици. Овие деца имаат свои потреби и родителите треба да бидат свесни за нив. Јас сум наставник, и тоа по математика, па знам како да му помогнам. Но, како им е на родителите што немаат знаење за одредена област која ги интересира нивните деца? Затоа сметам дека образованието, односно поддршката од самите наставници е многу важна. За жал, нема посебни програми за работа со талентирани деца. Сѐ е оставено на некакви иницијативи, наставниците се трудат колку што можат, но има премногу голем фонд на часови и не знам дали секогаш може да им се посветат. Треба посериозно да се разработи систем за поддршка на овие деца со посебни програми – вели таа.

Дамјан е ученик во Основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип. Мајка му е во право. Тој не сака да зборува за своите успеси. Само кратко ни кажа дека математиката му е интересна. Вели дека лесно се станува државен првак по математика – со читање и решавање задачи.

– Едноставно сè ми е лесно кога се бројките во прашање и, секако, математиката ми помага да пресметам сѐ што ми треба во секојдневниот живот. Исто така, сакам да читам книги, да си играм со децата, повеќето предмети ми се интересни, а ме интересираат и јазиците – вели Дамјан.
Тој оваа година освои прво место и на општинскиот натпревар по англиски јазик, а трето на регионалниот.

– Најмногу се радувам кога ќе добијам награда, се чувствувам многу убаво – вели Дамјан.



912

X