Она што некогаш се сметаше за шпионирање, денес, со развојот на паметните телефони, апликациите за следење и дигиталните платформи, стана речиси секојдневна појава.
Родителите ги следат децата преку споделени локации, дигитални дневници со оценки и разни апликации, уверени дека на тој начин ги штитат и имаат поголема контрола врз нивната безбедност.
Сепак, експертите предупредуваат дека постојаниот надзор може да има спротивен ефект. Наместо сигурност, кај децата и тинејџерите се јавуваат зголемена анксиозност, страв од грешки и чувство дека постојано се оценувани. Брачниот и семеен терапевт д-р Мет Бишоп истакнува дека здравата самодоверба се гради во приватност, а не под контрола. Кога секој чекор е следен, личноста нема простор слободно да се развива.
Современите тинејџери, објаснува Бишоп, живеат во свет во кој секоја локација, избор или постапка може веднаш да биде забележана, снимена и споделена од родители, врсници или непознати. Самото сознание дека се под постојан надзор, според истражувањата, создава психолошки притисок и води кон повоздржано и неприродно однесување.

Овој феномен е добро познат во психологијата како Ефект на Хоторн – појава при која луѓето го менуваат своето однесување затоа што знаат дека се набљудувани. Иако во мали дози може да има позитивен ефект, денешниот обем на надзор, особено преку дигитални алатки, создава силен притисок кај младите да бидат совршени и постојано успешни.
Истражувачите предупредуваат дека ваквиот притисок е еден од клучните фактори за порастот на социјалната анксиозност и проблемите со менталното здравје кај младите. Наместо постојано следење, тие советуваат родителите постепено да се повлекуваат и да им дозволат на децата да преземаат одговорност, да истражуваат и да учат од сопствените грешки.
Родителите треба да знаат дека доброто родителство не значи постојан надзор, туку градење доверба. Повремена проверка, разговор и отворена комуникација се многу поефикасни од следење на секоја локација или моментална информација за секоја оценка.