Магазинот „¡Hola!“, еден од најчитаните во Шпанија кој пишува за животот на славните и познатите, во најновиот број им предлага на родителите словенски имиња за нивните новороденчиња.
– Меѓу словенските јазици се руски, хрватски, бугарски и чешки. И иако мислите дека некои зборови се невозможни за изговарање, не е така. Имињата се прекрасни и добро се вклопуваат во нашиот јазик – пишува „¡Hola!“ во текстот објавен онлајн со наслов „40 убави и оригинални имиња од словенско потекло за бебињата“.

– Меѓу земјите од словенско говорно подрачје добро е тоа што многу имиња се слични. За да најдете инспирација, ви подготвивме мала листа со 40 најчесто користени имиња за момчиња и девојчиња – пишува списанието.
Меѓу понудените имиња се: Борис, Горан, Мирко, Даница, Даринка, Милка, Мирослава, Тихана и Зора. Со имињата е дадено и нивното значење.
Според шпанскиот завод за статистика, во Шпанија, земја со 47 милиони жители, родителите во 2021 година најчесто на новородените момчиња им ги давале имињата Хуго, Мартин, Лукас и Матео, а на девојчињата Лусија, Софија, Мартина и Марија.