Воспитување

Шокирачки резултати: Речиси една третина од децата што користат чет-ботови со ВИ ги доживуваат како „пријатели“

Речиси една третина од децата во Велика Британија што користат чет-ботови со вештачка интелигенција ги гледаат како пријатели, според ново истражување спроведено на 1.000 деца на возраст од 11 до 16 години и нивните родители. Дури 81 процент од испитаниците на оваа возраст велат дека користат чет-ботови во секојдневниот живот.

Меѓу децата што ги користат, 31 процент велат дека го гледаат чет-ботот како пријател. Четвртина од нив се обраќаат кон чет-ботовите за совет во тешки ситуации, а петтина за да им помогнат со грижите и тегобите. Една третина од децата признаваат дека му се довериле на чет-бот за нешто што не би им го кажале на своите родители, наставници или пријатели, додека дури 86 проценти дејствувале според советот што го добиле токму од чет-ботот. Анкетата ја спровела компанијата за мобилни комуникации „Водафон“.

Децата велат дека чет-ботовите се „секогаш достапни“, дека е лесно да се разговара со нив и дека ги поддржуваат. Повеќе од половина од испитаниците веруваат дека ваквите интеракции понекогаш ја замаглуваат линијата помеѓу реалноста и нереалното, а момчињата почесто од девојчињата го гледаат чет-ботот како пријател.

Експертите предупредуваат дека ваквите „врски“ не можат да ги заменат вистинските човечки односи. Детскиот психолог д-р Ели Хансон истакнува дека иако чет-ботовите можат убедливо да имитираат емпатија и разбирање, на децата им се потребни вистински односи што вклучуваат реципроцитет, различни перспективи и автентични емоции за здрав развој.

Таа, исто така, ја нагласува важноста на едукацијата на децата за тоа како функционира вештачката интелигенција и кои се нејзините ограничувања. Иако повеќето млади луѓе користат чет-ботови за практични задачи како што се пишување домашни задачи и истражување информации, родителите и наставниците изразуваат загриженост за прекумерната зависност од оваа технологија. Речиси половина од наставниците забележуваат дека учениците сè повеќе се свртуваат кон алатките на вештачката интелигенција за да им помогнат со училишните задачи, а некои од нив забележуваат и пад на независното размислување.

Затоа, експертите и организациите за заштита на децата повикуваат на отворени дискусии во семејствата за употребата на алатките на вештачката интелигенција, поставување јасни граници и развивање критичко размислување кај децата. Пораката е јасна: технологијата може да биде корисна, но не смее да стане замена за вистински пријателства и поддршка.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top