Воспитување

Шест старомодни стратегии за да одгледате добро дете

Технологијата целосно нè окупира, вклучително и родителството. Како постојано да се натпреваруваме со неа во воспитувањето, односно кој повеќе ќе влијае врз децата. Меѓутоа, ако го оставиме настрана лудилото на модерното време, основите за добро воспитување деца навистина не се многу променети. Со неколку испробани стратегии, детето полесно би можело да стане најдобрата верзија од себе.

Секој родител сака неговото дете да ги постигне своите цели и да најде среќа, но истражување спроведено на „Харвард“ пред неколку години покажало дека тоа не мора да биде на сметка на љубезноста и емпатијата. Тие велат дека неколку испробани и вистинити стратегии сè уште се најдобриот начин да ги обликувате вашите деца во морално исправни луѓе.

Ова се шест практични совети засновани на истражување:

Дружете се со вашите деца

Ова е основата на сè. Поминувајте време со вашите деца, поставувајте им отворени прашања за себе, за светот и како тие гледаат на него и активно слушајте ги нивните одговори. Не само што ќе научите различни работи што го прават вашето дете уникатно, туку ќе му покажете и како да каже дека се грижи за нешто или некого.

Ако е важно, кажете го тоа гласно

Според оваа студија на „Харвард“, се чини дека иако повеќето родители и старатели велат дека грижата за нивните деца им е главен приоритет, децата честопати не ја слушаат таа порака. Затоа, мора да има разјаснување на нештата – за да знаат дека тоа е нешто што и тие треба да го практикуваат, со наставници, тренери и други кои работат со нив, со цел да се провери како децата напредуваат во тимската работа, соработката и како воопшто успеваат да бидат добри личности.

Покажете му на вашето дете како да реши одреден проблем

Водете го детето низ процесот на донесување одлуки, на начин што ќе ги земе предвид луѓето кои би можеле да бидат засегнати од тоа. На пример, ако детето сака да се откаже од некој спорт или активност, поттикнете го да го идентификува изворот на проблемот и да размисли за неговата посветеност на тимот. Потоа помогнете му да сфати дали откажувањето навистина го решава проблемот.

Услужливоста и благодарноста нека бидат рутина

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои практикуваат благодарност имаат поголема веројатност да бидат корисни, дарежливи, сочувствителни и склони кон простување – а, исто така имаат поголема веројатност да бидат посреќни и поздрави. Затоа, добро е родителите да го контролираат завршувањето на домашната работа, да бараат од децата да им помагаат на своите браќа и сестри и да кажуваат „благодарам“ секогаш кога тоа е соодветно. А кога станува збор за наградување на „доброто“ однесување, истражувачите препорачуваат родителите да ги фалат само невообичаените дела на љубезност.

Проверете ги деструктивните емоции на вашето дете

„Способноста да се грижиме за другите е надвладеана од лутина, срам, завист или други негативни чувства“, велат истражувачите. Помагањето на децата да ги именуваат и обработат овие емоции, а потоа да ги водат кон безбедно разрешување конфликти, ќе помогне во голема мера за тие да останат грижливи личности. Исто така, важно е да поставите јасни и разумни граници, за кои децата ќе разберат дека се поставени од љубов и грижа за нивната безбедност.

Покажете им ја на децата пошироката слика

Речиси сите деца сочувствуваат и се грижат за нивниот близок круг составен од членови на семејството и пријателите. Но, трикот е да ги „натераме“ децата да се грижат за луѓето кои се социјално, културно, па дури и географски надвор од нивните кругови. Можете да го направите ова со тоа што ќе ги научите да бидат добри слушатели, охрабрувајќи ги да се стават во кожата на другите луѓе преку вежбање емпатија.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top