Постои магија во приказните. Сите ги сакавме додека бевме деца. Измислени авантури во далечни места. Без разлика дали се измислени од родителите или прочитани од книгите, децата ги обожаваат приказните.
Истражувањата покажуваат дека читањето приказни позитивно влијае врз академските постигнувања многу повеќе од која било друга активност.
Кои елементи во читањето носат најмногу придобивки за когнитивниот развој на децата?
1. Синхронизирајте се со вашето дете
Најважниот аспект од читањето на вашето дете е да се синхронизирате со него. Слушајте ги неговите знаци. Дали ја сака приказната? Дали ги знае зборовите? Дали повеќе обрнува внимание на сликите или на текстот?
Обидете се да го водите вашето дете, а не да му давате инструкции. Наместо да кажете: „Види, ќе приготвуваат храна, можеби се гладни“, прашајте: „Што прават?“ или „Што мислиш, зошто го прават тоа?“
Набљудувајте дали слуша или е незаинтересирано. Ако не е заинтересирано, поставете му прашања што ќе му го привлечат вниманието.
2. Поставувајте прашања
Родителите што поставуваат многу прашања им обезбедуваат забавна и информативна игра на децата. Прашајте ги дали ги знаат зборовите, дали можат да го погодат ликот.
Овие прашања не само што им помагаат на вашите деца да се здобијат со ново знаење и начини на размислување, туку помагаат и за зајакнување на силната емоционална врска помеѓу вас.
3. Искористете ја имагинацијата
– Кога нивната мајка се врати дома, едвај чекајќи да ги види своите деца, да ги гушне и да им каже приказна, таа забележа дека вратата беше отворена.
– Мајката се врати дома и виде дека вратата е отворена; влезе внатре и ги бараше децата.
Во првата приказна е искористена поголема имагинација. Ова е побогат начин да им се раскаже приказна на децата и води кон подобар когнитивен резултат за децата. Ги учи децата на апстрактно размислување, што е основа за многу повисоки когнитивни способности, како што се решавање проблеми и критичка анализа.
4. Направете логични поврзувања помеѓу различни делови од приказната
Друг елемент што има силна врска со развојот на когнитивните способности на детето е начинот на кој родителите ги градат логичните поврзувања меѓу различни делови од приказната.
Честопати настаните во книгите се одвиваат брзо. Една минута волкот ги јаде малите кози, а другата го наоѓа мајката. Некои родители се обидуваат низата на настани да ја направат пологична.
Пример:
– Волкот, кој сфати дека мајката не е дома, дојде и чукна на вратата.
На оваа реченица ѝ недостига логично поврзување. Како волкот знаеше дека мајката не е дома? Зошто се врати и тропна на вратата? Што сакаше?
– Волкот, кој се сончаше во грмушката, виде дека мајката излезе од нејзиниот дом да купи храна. Тој си помисли: „Малите кози се сами дома, ова е одличен момент да одам и да ги измамам и со тоа да си обезбедам богат ручек“.
Во оваа приказна е обезбедено логично поврзување помеѓу различните делови од приказната.
5. Додајте значајни детали
Значајните детали се најкорисни за подобрувањето на учењето на децата. Овие детали им помагаат на децата полесно да ја разберат приказната.
– Малата коза, која носеше жолта маичка и беше најмала, рече: „Не треба да ја отвориме вратата. Од каде знаеме дека е нашата мајка? Таа само што замина“.
Во оваа приказна носењето жолта маичка е детаљ што опишува, но не додава многу во приказната.
– Најмалото, кое исто така беше и најпаметно и највнимателно, рече…
Во оваа приказна е додаден детаљ (најпаметно и највнимателно), со што приказната е позначајна и полесна за следење.
6. Разговарајте за менталните и емоционалните концепти
Кога родителите разговараат за апстрактните концепти поврзани со емоциите, желбите и мислите, тогаш децата имаат подобри когнитивни вештини. Овие деца развиваат подобро разбирање за нечии емоции, подобри вештини за пријателство, па дури и подобрена меморија и повисоки когнитивни вештини што се корисни подоцна во животот. Ова води до академски успех, како и подобри вештини за изградба на пријателства и добри социјални врски.