Здравјето е состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест и исцрпеност. Во нашето општество често забораваме дека и децата имаат ментално здравје, го ставаме настрана и не го гледаме како приоритет во обезбедување целосно здравје.
Детското ментално здравје е многу покревко од она на возрасниот бидејќи децата сè уште растат и се развиваат, не завршиле со некои развојни фази и тоа ги прави когнитивно понемоќни, но и без механизми во справувањето со одредени проблеми, збиднувања, емоции или мисли.
Накратко ќе објаснам кои се најчестите психолошки и преупредувачки знаци како за родителите така и за околината, а кои имаат цел да пренесат порака за нарушено ментално здравје:
Промени во расположението
Видливи промени во расположението кои предизвикуваат детето да се однесува на некој несекојдневен начин што не е карактеристичен за него. На пример, чувство на тага кое предизвикува повлекување, плачење, изолирање, незаинтересираност, молчаливост, неактивност што трае најмалку две недели. Исто така, нагли или екстремни промени во расположението што предизвикуваат проблеми во односите дома во семејството или на училиште со наставниците и врсниците.
Самоповредување
Самоповредување или начин со кој намерно би му се наштетило на сопственото тело со цел да се амортизира стрес, да се изрази себенеприфаќање или, пак, да се канализира чувство на немоќ во справување со сопствените мисли и чувства.
Интензивни и силни чувства
Тоа би значело, на пример, кога чувството на страв се манифестира со силно срцебиење, промени во дишењето, потење на дланките, треперење на целото тело секогаш кога детето ќе се најде во ситуација или средина за која смета дека е небезбедна и несигурна иако тоа би можело да потекнува од нереален страв или, пак, научен страв, на пример, училишна анксиозност.
Промени во однесувањето
Овде подразбираме драстични и некарактеристични промени во однесувањето на личноста на детето или адолесцентот. На пример, агресивно, насилно поведение или, пак, изразена молчаливост, повлекување итн.
Соматизација
Овде може да стане збор за епизоди на чести повраќања, главоболки, болки во стомакот и телото кои имаат психолошки карактер и би ги третирале како психо-соматски симптоми. На пример, повраќање секогаш кога се тргнува кон градинка, болка во стомакот пред тест итн.
Нарушување на спиењето
Карактеристична е несоницата или тешкотии во заспивањето, нарушен сон со нагли прекини, по спиење изразено чувство на замор итн.
Барањето стручна помош ќе го закрепне менталното здравје на детето, но и ќе го научи да си ја бара својата интегрираност и да одржува ментална хигиена.
912