Таа веќе 23 години работи со најмалите меѓу најтешко болните, со најисплашените, со децата со канцер, со нивните родители и е само една од оние што се борат за детските животи. Ја побаравме да ја запознаеме откако за неа зборуваа младите кои како деца го победиле ракот
Најтешко ми е кога ќе се приврзам за некое дете и тоа ќе замине на мое дежурство. Тогаш сум најтажна. Кога не можеш да помогнеш, кога си немоќна, и иако се бориш и даваш сè од себе, на крај го губиш тоа дете. Тоа е најстрашното. Но, кога некое од децата ќе го победи ракот, ќе порасне, па ќе добие дете и ќе ми се јави да ме покани на мекици, на сунет… е тогаш нема посреќна од мене.
Вака Жаклина Спасовска од Скопје, медицинска сестра на Онкологија на скопската Детска клиника, почна да раскажува за својата долгогодишна работа. Ја побаравме за да ја запознаеме откако за неа зборуваа младите кои како деца го победиле канцерот. Заедно помагаат за да има сè повеќе излекувани деца, побрзо да закрепнат, но активни се и на конференции, семинари, обуки… Сестра Жаки, како што ја викаат децата, е само една од оние што се борат за детските животи. И сè ви станува јасно штом ќе влезе во просторијата и ќе почнат гушкањето и насмевките.
Во нејзината работа има и тага и горчина, но и храброст и среќа. Таа како медицинска сестра работи 27 години, а веќе 23 години работи со најмалите меѓу најтешко болните, со најисплашените, со децата со канцер, со нивните родители. Вели дека им се посветила на тие деца, да им помогне, да им покаже дека не се сами, дека има многумина што се излекувале, дека има решение. Ни раскажа за својот начин на работа со тие деца и нивните родители, за најтешките и најсреќните мигови, за работата, колегите, но и за приватниот живот, за нејзината животна филозофија…
„Сестро Жаки, ќе дојдете ли утре на работа? А ќе останете ли цел ден?“, ѝ стигнува порака на „Месинџер“. Ѝ пишува едно од децата од нејзиниот оддел. „Ќе дојдам, прва смена сум“, му одговара сестра Жаки. И веќе следното утро е таму, на своето работно место.
– Моето ангажирање се должи на тоа што сакам да им покажам дека не се единствени во тоа што им се случува, дека не се сами и дека не треба да се гледа на заболувањето како на нешто за што нема решение, дека има многу такви случаи што се излекувале, што поминале низ сето ова и потоа нè поканиле и на свадба и им се случиле многу позитивни работи. Сакам да им ја подигнам свеста за позитивната енергија зашто лекувањето е лекување, но позитивната енергија дејствува уште повеќе за да биде успешно тоа лекување – вели сестра Жаки.
Се спуштам на нивно ниво, пеам, дувам хируршки ракавици…
Вели дека секојдневно го прави тоа, и не само со болните дечиња, туку и со нивните родители на Клиника. А со децата приказната е поинаква, ем високо професионална ем детска. Оти така треба со тие деца.
Заедно со волонтери кои како деца се излекувани од канцер и основачката на здружението САНО, Марија Тасев
– Јас прво се обидувам да се спуштам на ниво на детето. Да кажам така, го будам детето во мене. На пример, кога сакам да направам некоја интервенција, да речеме некое несакано боцкање, јас прво го подготвувам детето дека сега ќе направиме нешто што не е страшно, дека ќе направиме едно брм-брм-брм и тоа ќе помине. И додека им го кажувам тоа брм-брм-брм, јас ја правам интервенцијата и тие ќе изреагираат: „Леле, па ова не болеше“. Секако дека боли, но ќе им го свртиш вниманието и тие нема ни да почувствуваат дека си направил нешто – вели сестра Жаки.
Ни раскажа пример со еден нов пациент на Клиниката, како наоѓа начин да допре до него, да ја олесни интервенцијата.
– Имам нов 12-годишен пациент на Одделот и кога треба да го боцкам, тој ми вели: „Сестра Жаки, љубов моја…“ Тогаш јас на таа негова реченица се надоврзувам со пеење стихови од една песна со истите негови зборови: „Љубов моја, ти што ги уриваш моите сни“. И додека пеам, го боцнувам. А мајката ме гледа и се чуди. Знаете, ќе запеам и го збунувам. Значи мора да се најде начин како да допреме до нив. Сите си имаме начин како да допреме до нив и успешно да ја направиме интервенцијата. Сите овде многу се трудиме – раскажува таа.
Нејзината работна филозофија е дека сè треба да биде како низ игра. Подготовката за интервенција и целата таа ситуација за детето не се лесни, па се обидува тоа да го направи низ игра, низ шега и смеа, да биде барем малку розово, да има што повеќе убави моменти.
Но и во тие детски шеги се крајно сериозни, со сериозна цел, здравјето на децата, но и нешто друго – да ја подигнат свеста кај луѓето, да се врати довербата во здравството, дека не се сите исти, дека има добри луѓе, дека само позитивната мисла нè води напред, дека секое позитивно размислување го олеснува процесот на лекување, додава таа.
– На пример, дуваме ракавици за да направиме балони од нив и што уште не. Играме игри, се обидуваме да се смееме. Се собираме во ходник и се обидуваме да ги анимираме. Нивниот престој тука, особено првиот, им е тежок, долг, стресен, бидејќи се во болница, здодевно им е, и затоа ние се трудиме да го направиме тоа порозово – вели нашата соговорничка.
Додава дека нивната работа не е само околу децата и дека тие не се само медицински лица, медицински сестри, туку се и некој вид психолози.
– Добро е што се покренува иницијативата за психолог, психотерапевт, ангажирањето колега, волонтери, што нешто се случува, се менуваат многу работи… Сето тоа е позитивно. Јас во 2010 година заминав на првиот камп во Хрватска и таму, замислете, имаше 57 деца. Јас оттука бев испратена како медицинско лице со три наши дечиња. Тоа за мене беше непознато, но за среќа јас брзо и лесно се приспособувам на нови ситуации, се адаптирам на сè што ќе ми дојде како предизвик. Тоа таму беше ново искуство – вели сестрата.
Детето треба да знае од што боледува
За да му се помогне што повеќе на детето, треба да се биде искрен со него. Затоа, како што вели сестра Жаки, сака родителите искрено да зборуваат со нивните деца за заболувањето, но, за жал, тоа сè уште е табу-тема во Македонија.
– Еден наш пациент, Бојан, го подготвив за сето она што му се случува за само 12 часа, додека патувавме заедно со воз до Белград. Тоа ни беше прво заедничко патување и неговата мајка тогаш ми рече: „Ти ќе го носиш во Белград, а тој не знае од што боледува“. Но, јас почнав полека, одоколу да му пристапувам на Бојан, кој тогаш не беше толку мал, но сè уште не знаеше од што боледува, бидејќи неговите родители не сакаа да го знае тоа. Но, јас го подготвив на сè – вели сестрата.
Детето си има име, детето не е дијагноза и детето треба да знае што му се случува, додава таа.
– За разлика од кај нас, во Белград, каде што одевме тогаш, болните деца дури имаат и своја радиоемисија во која кога се претставуваат, не велат јас сум пациент Ц61, туку јас сум Милкица Димитријевиќ, на пример. Јас се обидувам тоа да го применам тука, но кај нас оди многу тешко. Мислам дека дијагнозата си е дијагноза, а не име на детето. Детето си има име. Треба да им се покаже и докаже на луѓето и на пациентите дека канцерот е канцер, но дека медицината оди напред, дека и тоа се лекува, дека на нашата Клиника се работат европски и светски протоколи, се реновира, се подобруваат условите… – вели сестра Жаки.
Во сето ова е веќе 23 години и не губи ни надеж ни сила. Убедена е дека може многу да направи, да ја исполни, како што вели, својата мисија, од каде што и ја црпи сета енергија за она што го прави.
– Знаете како велат – секој е предодреден за некоја мисија на земјата. Јас тоа ќе го поврзам дека мојата мисија е да ги направам посреќни луѓето кај што работам. Имам огромна енергија, гледам позитивно, гледам на начин дека има решение. И би сакала сите луѓе да размислуваат како мене – раскажува таа.
Немој некој да помисли дека и таа некогаш не паѓа, дека немала многубројни искушенија во животот, дека не се борела со многу ситуации… Со тие деца сум ги имала и најтешките и најсреќните моменти во животот, раскажува таа.
– Најтешко е кога ќе се приврзам за некое дете и тоа ќе замине на мое дежурство. Тогаш ми е најтешко, тогаш сум најтажна. Најстрашното е кога не можеш да помогнеш, кога си немоќен пред она што се случува, и иако се бориш и даваш сè од себе, на крај го губиш тоа дете. Тоа е најстрашното – вели сестрата.
Бидете искрени со децата
Ќе ми каже некое дете: „Сестра Жаки, од тебе инјекцијата не боли“. Нашата соговорничка нагласува дека со децата мора да се има поинаков пристап, да знаеш да им пристапиш, да им пријдеш, да ги подготвиш.
– Јас многу се трудам. Се трудат сите колеги. Овде, на Онкологија на Детска клиника, работат луѓе со големи срца. Приврзани сме со тие деца. Сум помислувала, ќе си појдам од работа и работата нема да ја носам дома, но тие дечиња ми праќаат пораки на интернет и не можам да не им одговорам на пораките. Прашуваат дали утре цел ден ќе бидам на работа, но искрено им одговарам дека ќе бидам само една смена, зашто децата сакаат искреност, сакаат да бидеш искрен и внимателен со нив и знаат да го ценат тоа. Кога ќе ти кажат дека те сакаат, знај дека навистина те сакаат. Немаат тие втора страна, не знаат да лажат – вели Жаки.
Но, не е сè така црно. Вели дека даваат сè од себе да има што повеќе радост, насмевки, среќни моменти. И има. „Еден наш пациент од Тетово, кој како дете се лекуваше тука и се излекува, доби дете и ме викна на мекици, бев на сунет во Гостивар кај поранешен пациент…“
За тоа што го дала левата рака, десната не треба да знае
И не се само болните дечиња во приказната, вели нашата соговорничка. Тука се и родителите, исплашени, испаничени, тажни… И тие треба да се смират, да им се објасни, да се успокојат, да се усреќат.
– Најсреќна сум кога ќе видам дека и во мојата работа не е сè така црно, кога се постигнуваат успеси, кога и некој друг е среќен покрај мене. Ќе ви кажам еден пример. Доаѓам на дежурство и гледам мајката на едно девојче, наш пациент, е вознемирена, испаничена зашто на нејзиното дете не можеле да ѝ најдат венска линија за да ја прими дневната терапија, па се исплашила дека нешто лошо ќе ѝ се случи. Ја завршивме работата со детето и јас ја повикав мајката надвор и како со родена сестра имавме еден долг разговор дека не смее така да им пристапува на работите, дека мора да гледа позитивно… И се смени жената. Оттогаш сме пријателки, се дружиме. Детето е веќе второ одделение. Тоа се тие работи што ме радуваат, дека сè е во ред со детето, дека родителите се среќни и благодарни за сè што е направено и за детето и за нив – раскажува Жаки, насмеана и задоволна со уште еден успех.
Вели дека е таква и приватно, многу позитивна личност, со многу познајници и каде и да се појави, пренесува позитивна енергија и анимира.
За себе вели: јас многу зборувам, ама за себе не сакам да зборувам. Нека кажат другите оти јас не сакам да зборувам за она што сум го направила. Моите родители ме воспитале дека зa тоа што го дала левата рака, десната не треба да знае. Делата нека зборуваат.
912