Да ги оставите децата да ги јадат житариците што ги сакаат, да пишуваат домашна задача каде што сакаат, или како да се облечат е позитивно нешто и за нив и за вас како родители, пишува во студија објавена во списанието „Детски развој“.
Студијата вклучувала 526 родители на деца на возраст од 6 до 9 години во Германија, кои пополнувале прашалник секој ден во период од 3 недели, пролетта 2020 година, кога почнаа рестрикциите поврзани со коронавирусот. Истражувачите откриле дека ако на децата им се даде таканаречен „избор во рамки на граници“ – во спротивно со барања од нив или оставање да прават што сакаат – тоа довело до ситуација родителите да се чувствуваат како нивните потреби да се исполнети, што истовремено ги мотивирало да продолжат со такво родителство.
Исцрпените родители може да го присвојат овој пристап за време на пандемијата, сметаат авторите на студијата, и да ги почувствуваат придобивките веднаш. Со текот на времето децата стануваат понезависни, самоуверени, емпатични, отпорни и мотивирани, посочува истражувањето.
– Давањето избор на децата значи дека децата подобро ќе се справуваат, дека нивното однесување ќе биде повеќе регулирано и дека ќе бидат помалку емоционални. Па така ќе се намали стресот дома, а родителите ќе бидат посреќни – вели Роузен Капана-Хоџ, училиштен психолог во Конектикат која не е вклучена во истражувањето.

За да се вежба автономно-поддржувачко родителство, фокусирајте се на учење и покажување безусловна љубов
„Избор во рамки на граници“ е аспект од автономно-поддржувачко родителство, стил во кој родителите ги вклучуваат децата во процесот на донесување одлуки, додека обезбедуваат безбедни граници соодветни за возраста. Алтернативите се повеќе контролирачки стилови или, пак, на другиот крај од спектарот, стилови кои повеќе дозволуваат, на пример, да ги оставите децата да седат дома во шорцови додека надвор има снежна бура. Практикувањето на автономно-поддржувачко родителство бара повеќе време и трпение, но е вредно за целото семејство на краток и долг рок, вели Капана-Хоџ.
– Можете да зборувате со вашето дете преку дисциплински ориентирана метода и да се повторувате себеси и ќе бидете фрустрирани и вие и децата. Или, може да го промените начинот на кој зборувате и да се фокусирате на учење – вели таа. На пример, наместо да им велите дека не може да носат шорцови на снег, разговарајте за предностите и мааните на тој избор, зошто можеби тој избор не е безбеден. Наместо да барате од децата да ги соберат играчките, објаснете им зошто оставањето на играчките на подот може да значи и дека некој ќе се повреди. Така правите инвестиција преку љубезна комуникација, со цел децата да започнат самите да размислуваат – вели Капана-Хоџ.
Покажете емпатија и обезбедете безусловна љубов
Автономно-поддржувачкото родителство исто така го промовира емоционалниот развој и отпорност кај децата преку демонстрирање емпатија додека се одолева на потребата за галење на децата кога се нерасположени. На пример, ако детето се чувствува повредено од некој врсник, немојте само да го прегрнете и да кажете: „Тоа лице не беше љубезно со тебе“. Наместо тоа, речете: „Леле, сигурно тоа било тешко за тебе. Како се справи?“, советува Капана-Хоџ. Друг клучен аспект на ваквото родителство е да направите децата да се чувствуваат безусловно сакани преку смирен разговор кој нема да вклучува осуда, дури и ако згрешиле и западнале во неволја, вели Тали Шенфилд во текст за „Фајн Перент“. На тој начин децата развиваат самодоверба во нивните избори наместо да се плашат дека ќе го изгубат прифаќањето од страна на родителите ако направат погрешен избор.
На пример, треба да разговарате со децата за она што би им помогнало да стигнат навреме на училиште наместо да ги нарекувате неодговорни или лоши ученици. „Не е толку тешко како што мислат родителите, апсолутно може да го спроведат сето ова“, вели Капана-Хоџ.
Автор: Ана Медарис Милер