Без разлика дали барате хотели или места за изнајмување за безбеден семеен одмор, или само резервирате место за кампување, сепак, планирањето на годишниот одмор може да ги вознемирува мајките. Но, науката советува да го сфатиме семејниот одмор како бесценет.
Истражувањата покажуваат дека семејните одмори се од есенцијално значење. Ги прават децата посреќни и градат врски и спомени. Подарокот на искуството, каков што е семејниот одмор, е докажано дека е просоцијален подарок кој поврзува, за разлика од кое било материјално поседување – се вели во студија од Универзитетот на Торонто.
„Подарок кој подразбира искуство поттикнува силен емоционален одговор кога примателот ќе го консумира – како што се стравот и воодушевувањето од сафари-авантура, возбудата од рок-концерт или релаксираноста во спа-центар – поинтензивно се доживува во емоционална смисла за разлика од добивање материјални добра“, вели водечкиот истражувач Синди Чен. „Ако сакате некому да му дадете нешто што ќе направи да се чувствува поблиску до вас, дајте му искуство“.
Искусувањето заеднички одмор не само што ве зближува со децата, туку го прави посреќно целото семејство, долго откако патувањето ќе заврши. Во британска анкета речиси половина од испитаниците тврделе дека нивен најдраг спомен од детството е некој семеен одмор, а повеќе од половина рекле дека тие одмори им ги дале најсреќните спомени кои ќе ги вреднуваат до крајот на своите животи.
Излегувањето од дома и одењето на друга локација не е само забава за децата, туку ги прави и попаметни. Семејните одмори се поттикнувачи на умствените капацитети кај децата, преку обезбедувањето збогатена околина. „Збогатената околина нуди нови искуства кои се силни и комбинирани со социјална, физичка, когнитивна и сензорна интеракција“, вели д-р Марго Сандерленд, детски психотерапевт и директор за едукација и тренинг во Центар за детско ментално здравје.
Одморите им обезбедуваат на децата секакви видови искуства (како правење замоци од песок со мама и татко) кои поттикнуваат когнитивен развој и им помагаат со раст на фронталниот кортекст. „Ако одбирате дали да му купите на детето таблет или да го однесете на семеен одмор, размислете за длабоките ефекти во однос на мозочниот развој – па тука нема што да се размислува“, вели Сандерленд.

Дополнително, играњето на плажа или одењето со семејството на планинарска авантура ги активира системите во детскиот мозок кои поттикнуваат лачење на невролошки хемикалии, вклучително окситоцин и допамин. „Тие го редуцираат стресот и активираат топли, пријатни чувства, како и чувство дека сè е добро во светот. Со антистрес-аспектите на ова доживување, членовите на семејството добиваат емоционално полнење на батериите“, вели Сандерленд.
Не мора да летате до тропски дестинации за да уживате во придобивките од семејниот одмор. Без разлика дали планирате брзо патување до езеро или ќе летате со авион до некој хотел, резултатите се исти: посреќно и зближено семејство. А тоа е бесценето.
Автор: Хедер Марко